Стојанов тврди: Бугарин од Охрид претепан од полицајци во својот дом

од Nikola Popovski

Македонски граѓанин со бугарска самосвест од Охрид, извесен Јане Мургоски бил претепан во својот дом од полицајци, тврди контроверзниот претседател на фондацијата „Македонија“, Виктор Стојанов, преку објава на својот Фејсбук профил.

Според Стојанов, претепаниот Јане имал две скршени ребра, скршен нос, потрес на мозокот и скршеница на левата рака.

Виктор Стојанов заедно со писателот Владо Мургоски

„Вчера во домот на оштетениот била повикана полиција поради вербална семејна расправија меѓу него и 20-годишни мажи. Кога пристигнале, полицијата го претепала. Тепањето траело околу 10 минути. За се има медицинска документација. Двајца од полицајците насилници се во притвор. Таткото на претепаниот е македонскиот писател Владо Мургоски, Бугарин кој пред една недела објави книга за првото бугарско друштво во Македонија по 1944 година. Сметам дека има врска меѓу ова тепање и писателската дејност на неговиот татко, која е поврзана со Бугарите во Македонија и нивната борба за политички и човекови права“, прокоментирал Стојанов.

Како што додава, фондацијата „Македонија“ очекува реакција од официјалните бугарски власти.

Стојанов во октомври 2023 година соопшти дека добил доживотна забрана за влез во Македонија. Тој претходно имаше забрана од една година и 3 месеци.

Виктор Стојанов е познат по тоа што во март 2021 година преку граничниот премин Деве Баир проба да внесе во земјава 920 бугарски книги кои биле наменети за Бугарскиот културно-информативен центар, но тогаш Царинската управа ги врати книгите назад во Бугарија. По ова, реагираше Амбасадата на Бугарија во Македонија, која испрати протестна нота до македонското Министерство за надворешни работи.

Фондацијата претходно делеше отпечатени примероци од изданието „Голема бугарска читанка или вториот дел на бугарскиот буквар на наречје поразбирливо за македонските Бугари“.

Фондацијата „Македонија“ не крие дека за своите операции и дејствија веројатно се консултираат и координират со официјалните бугарски институции, што може да се забележи од претходно објавените заеднички фотографии со директорката на Бугарската агенција за дијаспора.

Слични содржини