„Стравував дека ќе биде зла маќеа“: Принцот Хари открива дека го молел татко му да не се ожени со Камила

од Nikola Popovski

Принцот Хари во своите мемоари тврди дека тој и Вилијам го „молеле“ нивниот татко Чарлс да не се ожени со Камила по смртта на принцезата Дијана, плашејќи се дека таа ќе биде нивната „злобна маќеа“, открива денеска „Мејл онлајн“.

Во својата експлозивна автобиографија, насловена како „Spare“ (Резервна), војводата од Сасекс тврди дека тој и неговиот брат не сакале да застанат на патот на врската на тогашниот принц од Велс, туку го замолиле да не се жени, нарекувајќи ја Камила „втората сопруга“.

Чарлс се обидел да ги придобие своите синови пред да ја замоли јавноста да ја прифати Камила, се тврди во книгата. Хари вели дека првата средба била како „инјекција“, пишувајќи: „Затвори ги очите и нема ни да почувствуваш“.

Војводата рекол: „Се сеќавам дека се прашував… дали би била сурова кон мене; дали ќе беше како сите зли маќеа во приказните“.

Во својата книга, Хари, исто така, се осврнува на Вилијам како негов „главен непријател“ и негова „поларна спротивност“ и го опиша моментот кога му рекле дека Дијана е мртва, открива „Мејл онлајн“.

Војводата открива дека одржал таен состанок со Вилијам и Чарлс неколку часа по погребот на принцот Филип во април 2021 година, во близина на гробот на кралот Едвард VIII и Волис Симпсон и дека неговиот татко и брат не го слушале и тврди дека не го разбирале дека емигрирал.

Неговите напади врз Вилијам и Чарлс беа откриени на почетокот на шпанската верзија на неговата книга „Spare“. Таму книгата се вика „En La Sombra“, што во превод значи „Во сенките“ и започнува со посветата: „За Мег, Арчи и Лили… и, се разбира, мајка ми“.

Книгата треба да се појави во Велика Британија до вторник наутро, но различни извадоци веќе се протекоа во печатот.

„Мејл онлајн“ може да открие дека првото поглавје започнува по погребот на принцот Филип во април 2021 година, каде што тој ја опишува средбата со неговиот татко и брат во просторот на замокот Виндзор, во близина на колибата Фрогмор, каде што Сасексите престојуваат кога се во Обединетото Кралство.

Хари, кој во целата книга го нарекува својот брат како „Вили“, вели дека дошол во Британија да се збогува со војводата од Единбург, но побарал и „таен состанок со мојот постар брат и татко“. Тој исто така откри дека неговата баба кралицата му се јавила во САД за да му каже: „Хари…дедо почина“.

Фото:  EPA-EFE/SASCHA STEINBACH, BACKGRID / Backgrid UK / Profimedia, EPA-EFE/ANDY RAIN

Слични содржини