Текст од унгарска преведувачка: Конески е нулта точка на речиси сè што сега значи Македонија

од Vladimir Zorba

На денот кога пред 29 години се упокои Блаже Конески, објавен е текст на унгарската книжевна преведувачка, Анамарија Цинеге-Панзова, учесничка на школите на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ).

Во текстот има важни согледби и размисли поттикнати од лекцијата „Необичната обичност на великиот Конески” од второто, дополнето и изменето издание на учебникот по македонска литература и култура за странци „Везилка” од Весна Мојсова-Чепишевска.

Во продолжение, текстот во целост, со согласност од авторката:

Блаже Конески – нулта точка меѓу пред и потоа

Блаже Конески е личност во македонската култура во која се среќава сѐ што било пред него и од која поаѓа сѐ што следува по него. Во таква смисла, тој е нулта точка не само на македонската литература, туку и на македонската наука за јазикот и на историјата, па и на современата македонска самосвест и македонската култура воопшто.

Неверојатно е како оваа личност, млад јунак на своето време пред и за време на светска војна, обмислено, потполно свесно и систематично го собира во себе сето она знаење со кое ќе ги постави темелите, односно ќе изгради основа за кодифицирано самоизразување на самостојна, нова нација. Но, не нова во смисла да ја „измисли” како што велат злонамерните, туку нација која според неговите надежи во догледно време конечно ќе дојде до можност за себеизразување и до изразување на својата посебност, по толку столетија и децении потиснатост и потрага по своето, по својот пат за искажување на својот автентичен израз во сите погледи на модерниот живот. Ама со зачувување на својата традиција, бидејќи како што се вели, самоформирањето на една нација не доаѓа од небо, ниту може да дојде од еден човек, туку се прави постепено, низ векови, минувајќи препреки, но кога еднаш е започнато, тогаш веќе е незапирливо.

Блаже Конески имал среќа што се родил во времето, односно на работ на конечното слободно изразување на националната самосвест, и откако го сфатил тоа, и разбирајќи ја и можноста што ја нудат тогашните историски околности, храбро и свесно застанал на чело на заокружувањето на таквиот процес, и поставувањето на темелите на сѐ она што следува по таа точка. Со своето огромно дело, чијшто обем за денешно време веќе е незамисливо да се создаде од еден единствен човек (иако и самиот имал помош од своите соработници и од тогашните студенти-ентузијасти, како и од колегите истомисленици од други области, чиј придонес исто така не треба да се заборави во градењето на тогашната нова држава и положување на основите на современата македонска култура) станува нулта точка на речиси сѐ што сега значи Македонија. Треба да го почитуваме неговото дело и делото на неговите современици кои учествувале во тој огромен потфат, кој впрочем, во тоа време се одвивал и во други држави – градењето на еден нов свет, всушност модерниот свет во кој и ден денес живееме.

Колку и некои да сакаат тркалото на времето да се сврти наназад, тоа нема да се случи. Враќање во оној свет и она време пред овој денешен и сегашен свет и пред денешното време, не е можно. Сите стоиме стаписани пред таквиот ретрограден, деструктивен обид на некои за враќање на времето и негирање на сѐ она што модерното време ни го носи како придонес, напредок и развој. Но, тоа нема да се случи. Конески е нулта точка на речиси сето она што значи Македонија!

Анамарија Цинеге-Панзова, книжевна преведувачка од Унгарија, учесничка на школите на МСМЈЛК при УКИМ

Слични содржини