Тен Хаг по поразот од Брајтон: Вистинско разочарување, воопшто не сум задоволен

од Vladimir Zorba

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг изјави дека е многу разочаран од првиот натпревар на тимот во Премиер лигата под негово водство. Сепак, Холанѓанецот истакна дека е целосно свесен дека ќе треба време за работите да се случат онака како што тој сака.

Тен Хаг го коментираше и вклучувањето на Кристијано Роналдо, кој остана на клупата за резерви на стартот на мечот со Брајтон, загубен од „црвените ѓаволи“ со 1:2.

„Тоа дефинитивно беше неуспех. Вистинско разочарување, но мора да се справиме со тоа. Од самиот почеток знаев дека нема да биде лесно. Тоа е процес и бара време, но немаме време, мора да победуваме. Требаше да се справиме подобро. Веќе ги анализирав головите што ги примивме. Беше сосема непотребно толку лесно да се даде топката во овие две ситуации. Големи грешки во организацијата. Треба да извлечеме поука. Не сум среќен, воопшто не сум среќен бидејќи загубивме и тоа беше сосема непотребно. Реакција имаше во вториот дел. Дејствувавме тимски, се боревме. Создадовме и шанси“.

„Дали Роналдо имаше позитивно влијание? Така мислам. Јасно беше дека бевме подобри во вториот дел кога Ериксен се врати во средината, а Роналдо беше напред. Создадовме шанси. Штета е што не ги реализиравме. За се е потребно време. Не можеме да ги форсираме работите. Трениравме само една недела. Треба да направиме повеќе за да бидеме фит и овој натпревар ќе помогне. Ќе биде подобро следната недела“, изјави Холанѓанецот.

Тен Хаг очекувано одби да ги коментира гласините дека клубот се обидува да го ангажира напаѓачот на Болоња, Марко Арнаутовиќ: „Нема да коментирам имиња. Во текот на оваа претсезона, 250 играчи беа поврзани со Манчестер Јунајтед“.

Слични содржини