Тестирањето на антитела покажало дека 2,5% од Италијанците имаат коронавирус

од Vladimir Zorba

Тестирањето за антитела во Италија покажа дека скоро 1,5 милиони луѓе, околу 2,5 проценти од популацијата, биле заразени со коронавирус.

Официјалните лица изјавија дека големите разлики во резултатите помеѓу делови од земјата потврдиле дека воведувањето забрана за движење е „апсолутно круцијално“ во спречувањето на тешката епидемиолошка состојба на југот на земјата.

Проценката дека околу 2,5 проценти од населението е заразено се заснова на тест спроведен од 25 мај до 15 јули на примерок од околу 65.000 Италијанци, избран врз основа на местото на живеење, возраста и видот на работа што ја извршуваат.

Владата спроведе тестирање за да открие колку е распространет вирусот во земјата, прво на Запад, кој беше погоден од епидемијата.

Тестирањето покажа дека 1.482.000 Италијанци низ целата земја дошле во контакт со вирусот и развиле антитела, што е за шест пати повеќе од потврдените случаи на инфекција во земјата.

Епидемијата сериозно зафати региони во северна Италија, пред се Ломбардија и Емилија-Ромања, додека јужните региони имаа неспоредливо помал број на заразени и починати од коронавирус.

Тестирањето потврди големи географски разлики, бидејќи покажа дека 7,5 проценти од граѓаните на Ломбардија развиле антитела, наспроти 1,9 проценти во соседниот регион Венето.

Разликите се исто така големи во рамките на Ломбардија, меѓу нејзините провинции. Околу 24% од жителите на Бергамо развиле антитела, а само 5,1% од жителите на провинцијата Павија.

Споредено со југот на Италија, разликите се уште поостри. Во Сицилија, само 0,3 проценти од локалното население дошло во контакт со вирусот, а во сите шест други јужни региони, помалку од еден процент.

Забраната за движење во Италија беше меѓу најстрогите во Европа. На граѓаните им беше дозволено да ги напуштаат своите куќи само за неизбежна работа, да одат на лекар или да купуваат потребни намирници.

Резултатите од тестот покажале дека 27,3 проценти од заразените немале никакви симптоми, поради што сè уште е важно да се носи маска и да се одржува оддалеченост од другите, според надлежните.

Бидејќи првично беше епицентарот на епидемијата во Европа, Италија во голема мерка успеа да го потисне ширењето на вирусот. Во изминатите неколку недели, има регистрирано помеѓу 200 и 300 новозаразени секој ден, а повеќето од овие инфекции се поврзани со работниците кои се враќаат од странство или мигрантите.

Во претходните 24 часа, Италија пријави 159 нови случаи на заразени со Ковид-19 и уште 12 смртни случаи.

Коронавирусот е потврден во Италија кај повеќе од 248.000 луѓе, од кои повеќе од 35.000 починале.

Слични содржини