Топлотен бран го зафати југот на Европа: Пожари беснеат во Грција, Шпанија и Италија

од Stefanija Kuzmanovska

Болнички пациенти во вторникот беа евакуирани и префрлени на траект во грчкото пристаниште Александрополи за да ги оддалечат од пожарот што беснее четврти ден по ред додека новиот топлотен бран ја погоди јужна Европа.

Властите ги повикаа граѓаните да ја избегнуваат жештината бидејќи Франција, Италија, Шпанија и други земји се соочуваат со топло, суво и ветровито време што научниците го поврзуваат со климатските промени.

Пожарникарите гаснеа пожари и во Шпанија и Италија.

Фериботот во Александруполи во североисточна Грција е претворен во импровизирана болница откако во раните утрински часови од универзитетската болница биле евакуирани 65 пациенти, меѓу кои и доенчиња.

Амбулантни возила префрлиле и пациенти од блиската клиника.

„Постарите пациенти лежат на душеци поставени на подот од кантината, болничарите им помагаат на луѓето на носилки, а една жена држи маж кој се одмара на каучот додека прима инфузија во неговата рака. Тука работам 27 години, вакво нешто не сум видел“, изјави медицинскиот техничар Никос Гиокзидис.

„Носилки насекаде, пациенти овде, инфузии таму… беше како во војна, како да експлодирала бомба“, додаде тој.

„Временските услови се екстремни и ќе останат екстремни во наредните денови“, изјави портпаролот на пожарникар Василис Вартакоџанис за ТВ ЕРТ.

Пожари во Шпанија и Италија

Властите во Шпанија, каде поголемиот дел од земјата се соочува со многу висок ризик од избувнување на пожари како последица на четвртиот топлотен бран ова лето, се обидуваат да го стабилизираат огромниот пожар што веќе една недела гори во шумите на островот Тенерифе.

Пожарот зафатил 15.000 хектари во 12 општини, што доведе до евакуација на илјадници луѓе.

Температурите најверојатно ќе достигнат или надминат 40 степени Целзиусови во поголемите области на југозападниот и североисточниот дел на Пиринејскиот Полуостров, објави националната метеоролошка служба АЕМЕТ.

„Околу 700 луѓе во Италија беа евакуирани откако во понеделникот избувна пожар на тосканскиот остров Елба, во шумите во близина на Рио Марино“, изјави за „Ројтерс“ пожарникарот Алесандро Виталијано. Немало жртви.

Пожарникарите го ставаат пожарот под контрола, но тој гори во тешко пристапно место. Досега изгореа вкупно 14 хектари земјиште. Евакуираните се очекува да се вратат во своите домови во вечерните часови, јавува италијанската новинска агенција АНСА. Причината за пожарот не е позната.

Италија во вторникот издаде црвен аларм за топло време во 16 од нејзините 27 големи градови, вклучувајќи ги Рим, Милано и Фиренца, а тој број може да се зголеми во среда.

Црвениот аларм означува „вонредна состојба“, соопшти министерството за здравство, советувајќи ги луѓето да не излегуваат во најжешките делови од денот.

Црвеното, најсериозно предупредување беше издадено и во четири јужни француски департмани, Рона, Дром, Ардеш и Горна Лоара. Тоа им овозможува на властите да откажуваат настани и да ги затворат јавните простори по потреба.

На берачите на грозје во винарските региони во јужна Франција им беше препорачано да започнат со берба во раните утрински часови за да се избегне жештината на летниот топлотен бран.

Високи температури се забележани во големи делови на Франција и се очекува да се искачат до 42 Целзиусови степени во долината на Рона во следните 48 часа.

Слични содржини