Училиштето во Тексас во кое беа убиени 19 деца ќе биде срушено

од Stefanija Kuzmanovska

Основното училиште во Јувалде, Тексас, во кое тинејџер уби 19 ученици и двајца наставници, ќе биде срушено, рече градоначалникот, неколку часа откако локален функционер го нарече полицискиот одговор на нападот врз училиштето „огромен неуспех“.

Градоначалникот Дон Меклафлин рече дека „никој не може да бара од дете или наставник никогаш да се вратат во тоа училиште“, поради што најави негово рушење, без да прецизира кога е планирано, пренесе „Ројтерс“.

„Постојат убедливи докази дека одговорот на органите на прогонот на нападот во основното училиште Роб беше голем неуспех и спротивно на сè што научивме“, рече директорот на Одделот за јавна безбедност во Тексас, Стивен Мекроу на сослушувањето во Сенатот во Тексас за масовното пукање на 24 мај, пренесе „Ројтерс“.

Тој додаде дека полициската акција не била успешно спроведена откако напаѓачот влегол во основното училиште Роб и почнал да пука.

„Три минути откако напаѓачот влегол во западната зграда, имало доволно вооружени полицајци кои носеле панцирни елеци за да го изолираат, одвлечат и неутрализираат субјектот“, рече Мекроу.

Тој додаде дека се што ги спречило полицајците да влезат во просториите 111 и 112 е „командирот на лице место, кој решил да ги стави животите на полицајците пред животот на децата“.

Началникот на полицијата во училиштето Јувалде, Пит Аредондо, претходно овој месец изјави дека никогаш не се сметал себеси за командант на операцијата за време на инцидентот со пукање и дека не ѝ наредил на полицијата да го спречи упадот во зградата.

„Ројтерс“ наведува дека членовите на заедницата, заедно со родителите на жртвите, го повикале Аредондо да поднесе оставка за време на бурниот состанок на училишниот одбор во понеделникот вечерта.

Слични содржини