Угриновски: Зошто се појави Мицковски на погребот на кодош

од Ивана Рамаданова

Нанесениот срам не се брише со никаква отштета во форма на пари. Пари заработувам вон Македонија, чесно и со многу пот и труд. Едноставно кренав раце од државата во која некој како Томе Аџиев и баграта околу него има власт да жигосува луѓе, изјави за Стандард поранешниот пејач Никола Угриновски – Угро, син на лустрираниот претседател на партијата Титови леви сили, Слободан Угриновски.

„Прво и основно, во ваква никаква и пропадната држава, никаква лустрација не се случи. Се прогонуваа само различните од спротивното племе, што укажува дека ние немаме држава, ниту ке ја имаме, ја поништиле лустрацијата или не. Нанесениот срам не се брише со никаква отштета во форма на пари. Пари заработувам вон Македонија, чесно и со многу пот и труд. Едноставно кренав раце од државата во која некој како Томе Аџиев и баграта околу него има власт да жигосува луѓе. Ако беше навистина лустриран и виновен мојот покоен татко, зошто воопшто го зема ВМРО ДПМНЕ во коалиција со нив каде беше до својата смрт? Зошто се појави Мицковски на погребот на кодош, како што го жигосаа? Се е само кеш, крадење, тендери, Див Запад… Впрочем, не сум јас или некој од фамилијата тој што не се движи слободно низ град, веројатно тоа е Томе Аџиев, он си ја има мувата на капата. Кога ќе се скрши грнето, џабе е лепење, скршено е. Аџиев веројатно е во Битола, јас на Кариби и Бахами, живот оди понатаму. Тотално смешно е пу-пу, важи-не важи… Томе Аџиев нема да влезе во историјата, јас сум веќе влезен засекогаш во музичката историја на оваа држава. Кој е лузерот?! Кои пари перат образ и се доволно да каже човек таман ми се да ја надоместат штетата и бруката?! Штета што умре стариот, да беше жив ќе им се смееше на сите, посебно на Аџиев. Се е фингерај и лоповлук со епски размери, а лустрацијата е само замаглување на тажната слика за земјата што толку многу ја сакав и давав се за неа. Сега таа приказна е завршена“, рече Угриновски.

Слободан Угриновски беше првото име на соработник на безбедносните служби кое се објави на интеренет страницата на Комисијата за верификација на фактите.

Инаку, Угриновски беше лидер на Титовите леви сили, поранешен советник во Град Скопје како коалициски партнер на СДСМ. Тој имаше изјавено дека „ќе ги искористи сите законски средства за да потврди дека не бил кодош. Јас ги признавам само законите на СФРЈ и на СРМ и немам доверба во комисијата за лустери“.

Според решението на Комисијата за лустрација Угриновски од 1973 до 1983 година соработувал со тајните служби.  Угриновски пак тврдеше дека во тоа време како лидер на студентите службено контактирал со јавната и државната безбедност за студентите кои доаѓале од цела Југославија и од целиот свет и дека не знаел дека службата му отворила соработничко досие од службените информации што ги кажувал.

Претседателот на Титовите леви сили Слободан Угриновски почина ненадејно во ноември 2018 година.

Слични содржини