Украински пилоти ќе се обучуваат во Данска и Романија

од Stefanija Kuzmanovska

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека верува оти Киев ќе добие американски авиони Ф-16.

„Најважниот фокус е дека, кога ќе ги добијат авионите, пилотите се добро обучени, да можат сами да ги одржуваат авионите и да ги користат паметно“, рече Блинкен.

Коалицијата од 11 земји ќе започне со обука на украински пилоти за летање Ф-16 во август во Данска, со центар за обука во Романија.

Блинкен истакна дека Украина „повратила половина од територијата што Русија ја зазеде на почетокот на инвазијата“, но дека Киев се соочува со „многу силни борби“ во обид да врати повеќе територии.

„Украина веќе обнови околу 50 отсто од територијата што беше освоена на почетокот. Сè уште се првите денови на контраофанзивата. Тешко е“, изјави тој за Си-Ен-Ен.

Блинкен додаде дека нема сè да се одигра во следната недела или две.

„Мислам дека зборуваме за следните неколку месеци“, изјави Блинкен, пренесе „Ројтерс“.

Претходно овој месец, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека контраофанзивата се одвива „со побавно темпо од посакуваното“.

Британската новинска агенција јавува дека Украина повратила некои села на југ и територијата околу уништениот град Бахмут на исток, но не направила голем пробив против добро утврдените руски линии.

Слични содржини