УПОЗ: Бараме поголеми плати – во спротивно ќе протестираме

од Vladimir Zorba

Синдикатот на УПОЗ се заканува со протест доколку владата не одговори на нивните барања за зголемување на платите на административците. Во разговор за „Локално“, генералниот секретар Трпе Деаноски предупредува дека сегашната ситуација во која најголем број од вработените, или 95%, имаат плата под просечно исплатената во државата, е неиздржлива.

„60% од административните работници имаат плата во износ до 18.000 денари, а најголемиот број од другите вработени, или 30% од нив добиваат месечни примања до 25.000 денари што е исто така под републичкиот просек”, вели Деаноски.

Незадоволството меѓу членството ескалирало по најавите на министерот за финансии Фатмир Бесими за покачување на платите на вработените во секторите култура, образование и здравство.

„Нивната плата беше неколку пати досега зголемена, но месечните примања на административците не се зголемени од 2019 година. Дури и тогаш покачувањето беше минимално, односно 5%“, посочува Деаноски.

Разговорите со надлежните со барање за корекција на месечните примања траат од мај, а во август раководството на УПОЗ му дало изготвена пресметка на плати на министерот Бесими. Од ова министерство досега се уште нема одговор.

Деаноски од друга страна ги оцени како позитивни најавите за зголемување на платите на инспекторите и на инспекторските служби. Според него, оправдана е потребата некои од инпекторатите да имаат поголеми примања од администрацијата бидејќи се соочуваат со висок степен на ризик. Во оваа група ги посочува Пазарниот инспекторат, Трудовата инспекција а на локално ниво градежната инспекција и инпекторатот за животна средина.

„Овие луѓе се соочуваат со секаков тип закани, прават вонредни надзори во кој било дел од денот или ноќта, трпат притисоци…“,вели Деаноски.

Како спорен и недоречен го оценува и Законот за инспекциски надзор бидејќи остава простор директорот на инпекторатот да биде политички именуван, наместо да произлезе од внатре, од вработените.

Наведените факти се основна причина поради која недостасуваат инспектори во одредени Инспекторати. Така на пример, според извори на „Локално“, скопските општини Карпош и Аеродром делат еден градежен инспектор. Станува збор за ризична професија, за одење на терен и стопирање градби во придружба на полиција и тоа за плата од 24.000 денари. Оттука, според нашите извори не е чудно што никој не сака да конкурира за оваа работна позиција.

Министерот Бесими најави дека е предвидено покачување на платите на инспекциските служби за 10 отсто, а ова се прави согласно Закон според кој ова е трето зголемување, трета година по ред. Најдрастичното зголемување ќе биде во Инспекторатот за употреба на јазиците. Просечната бруто плата на 17-те вработени се зголемува од 35,5 на 52,6 илјади денари.

К.В.С.

Слични содржини