Уставните измени се клучни за опстанокот на „пакетот“ С. Македонија-Албанија: „Каде е денес Хрватска, а каде сме ние кои изгубивме една деценија во изолација и антиквизација на државата?“

од Nikola Popovski

Бугарскиот европратеник Илхан Ќучук вчера само ги потврди претходните стравување дека Северна Македонија може да биде одвоена од пакетот со Албанија на патот кон ЕУ, ако не ги усвоиме предвидените уставни измени. „Со тоа, Северна Македонија ќе остане во групата со Србија, Косово, Босна и Херцеговина – земји кои имаат сериозни проблеми со своите соседи“, рече Ќучук во интервју. Во јули минатата година во Брисел, нашата земја ја започна првата фаза од преговорите со ЕУ, но за да премине во втората и да почне да ги отвора поглавјата, мора да ги внесе Бугарите во Уставот, за што владеачката коалиција ја нема потребната поддршка од опозицијата, која е цврста на ставот дека „не се согласува на промени по бугарски диктат“.

За ваквите пораки од Брисел и Софија, претседателот на СДА Македонија и познавач на состојбите, Џелал Хоџиќ вели дека треба да се читаат добронамерно. Во разговор за „Локално“ Хоџиќ вели дека имал две работни средби со Ќучук во минатите две години во Европскиот парламент и може да сведочам за неговите пријателски позиции кон нашата држава.

Ако се вратите во еден период во минатото, ние во евроатлантските интеграции бевме пред Хрватска, зборувам за периодот до 2008 година и НАТО Самитот во Букурешт, после кој политиката на Груевски се одлучи за изолација на државата, наместо да ги решава проблемите и отворените прашања. Праксата покажува дека малите држави, кога ги одложуваат проблемите, подоцна добиваат понеповолни решенија. И така беше со решението со името на државата, како проаѓаше време се полоши и полоши решенија ни беа нудени. Каде е денес Хрватска, а каде сме ние кои изгубивме една деценија во изолација и антиквизација на државата? Може ли некој да ја пресмета штетата која е настаната од таа изолација?, прашува Хоџиќ.

Потенцира дека никој нема повеќе аргументи да ја стопира Албанија на нејзиниот европски пат и реформски процес, доколку Северна Македонија одлучи да влезе во нова изолација. Вели дека не ѝ мислат добро на државата оние кои наместо столче за нашата држава во ЕУ, бараат столче за нас помеѓу Вучиќ и Орбан.

Дел од политичките елити треба да сфатат дека Југославија е мртва, не постои, времето не може да сопре поради нивната југоносталгија и нивните солзи по разни диктатори и авторитарни лидери. Нашата иднина е во дополнителна демократизација, лојалност во НАТО сојузот и извесна иднина во ЕУ, порачува Хоџиќ.

Соговорникот е дециден дека е завршена ерата на конфликти на овие простори бидејќи ние сме членка на НАТО, а и онаа голема сила која нудеше промени на границите на Западен Балкан, мислејќи на Русија, заглави на границата со Украина.

Нашите млади луѓе денес не бегаат од војни, тие бегаат поради безперспективноста, поарди корупцијата, поради нееднакви шанси, неефикасната администрација, слабото здравство, лошото образование, малите плати… И сите они бегаат во развиени демократски системи во кои има свесност дека човекот е најголемиот ресурс на една држава и мора да се почитува. Огромно мнозинство на млади се сели во Германија, САД и западниот демократски свет. Колку луѓе познавате да се иселиле во Русија, Белорусија и државите чии лидери ја гледаат иднината во Русија? Нема потенцијал за конфликт, но евентуално бесперспективноста за членство во ЕУ дополнителено ќе го зголеми и така големото иселување на граѓаните, посебно на младите, оценува претседателот на СДА Македонија.

Џелал Хоџиќ

Околу уставните измени и дали тоа е завршена работа, Хоџиќ оценува дека тука се уште не е крајот, односно дека гледаме најави од Собранието и од клучните актери дека „работата“ ќе биде отворена до крајот на мандатот на пратениците. Тој лично верува дека овој парламентарен состав ќе најде сили и ќе гласа за уставните измени и продложување на европската интеграција на Република Северна Македонија, што претставува стратешка цел на државата.

Смета дека во следниот период ќе продолжат повиците од владеачката коалиција, но и од нашите пријаители од меѓународната заедница, да се усвојат уставните измени и државата да не скршне од патот кој води кон ЕУ.

Очекувам дека нашите стратешки партнери САД, но и влијателните пријателски држави од ЕУ нема повторно да го изгубат фокусот од Западен Балкан додека не се обезбеди извесна интеграција на државите од регионот во ЕУ и НАТО. Тоа подразбира решавање на проблемите и исплонување на условите кои стојат на патот на исполнувањето на стратешките цели. Во овие политички процеси кои следуваат нема да има место за оние кои ги кочат процесите, колку и денес да изгледаат моќно. Едноставно Русија застана на границите на Украина, а за нејзините „пипци“ на Западен Балкан следуваат поразителни политички процеси, анализира Хоџиќ.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека можат да издејствуваат „подобар договор“за нашата земја кога евентуално би дошле на власт, за што соговорникот смета дека никој нема да дозволи на никого, па ни на Мицкоски, да ја напушта веќе договорената рамка од сите држави во ЕУ, за некаков подобар договор. Хоџиќ проценува дека таа реторика и е потребна на опозицијата, за да игра на картата на емоциите кај граѓаните, а секој малку упатен знае дек тоа е невозможна мисија.

Кој е тој сериозен политичар од ЕУ кој би можел да го направи тоа? Со зголеменото присуство на САД и Германија, разните филмови на популистите како Орбан се веќе ограничена работа за поддршка на политиките на политичарите како Мицковски или Додик од Западен Балкан. Лажната приказна за подобар договор со ЕУ е меѓудругото потребна и изнудена затоа што Мицкоски нема аргументи со кои јавно би понудил алтернатива за членството на државата во ЕУ. Во некоја замислена ситуација, тоа утре би можело да биде и изговор со кој државата под негово водство би го стопирала тој пат, вели претседателот на СДА Македонија.

Н.П.

Слични содржини