Вечерва прв полициски час во земјава, заострени мерките против коронавирусот

од Aleksandar Todeski

Денеска во земјава за првпат од независноста ќе биде применет полициски час, откако владата вчера на седница ја донесе оваа одлука. Кон полициски час се пристапува поради зголемениот број на заразени со коронавирус, но и поради непочитување на владините мерки и препораки.

Фото: Борче Поповски

Првиот полициски час ќе почне во 21 часот вечерва, а ќе заврши утре во 6 часот. Во тој период, по улиците нема да смее да се движи ниедно лице, освен ако нема потреба од медицинско третирање, лице кое е во животозагрозувачка ситуација или пак лице кое има потреба од дијализа, а ќе смее да биде со придружба од најмногу две други лица.

„Се забранува движење на населението во период од 21 часот до 6 часот секој ден. Нема компромис кога е здравјето на граѓаните во прашање. Мерките мора да ги почитуваме, само така ќе ги спасиме и граѓаните и државата. Веќе ништо не е исто, се промени целиот свет, тоа бара од нас радикални мерки, затоа го воведуваме ова. Според анализите на комисијата за заразни болести, се налага ваква радикална мерка, за да се спречи натамошно ширење на вирусот“, рече вчера премиерот Оливер Спасовски.

За движење во предиот од 21 до 6 часот ќе се издаваат посебни дозволи за оние кои имаат потреба од тоа, но за ова ќе одлучува Министерството за внатрешни работи.

Слични содржини