(ВИДЕО) Претседателски избори во Русија: Жена се обидела да уништи гласови во Москва

Сличен инцидент со користење зелена хемикалија во течност, се случил и во градот Борисоглебск во регионот Воронеж, а обиди да се уништат гласачките ливчиња со користење мастило, наводно, се случиле и во градот Ростов и во Република Карачај-Черкезија.

од Бети Божиноска

Млада жена е уапсена попладнево откако се обидела да ги уништи гласачките ливчиња на гласачко место во Москва на првиот ден од претседателските избори во Русија.

Според каналот „База“ на „Телеграм“, жената влегла во гласачко место во североисточниот кварт на главниот град и истурила конзерва со зелена антисептичка течност во гласачка кутија, притоа извикувајќи проукраински слогани.

На видеоснимката од инцидентот може да се види и жената како телефонски комуницира со некого. Очевидци изјавиле за медиумите дека сторителката била „координирана“ од некого.

Рускиот Истражен комитет за градот Москва објави дека жената била приведена и дека е отворена истрага за кривично дело во која таа е обвинета за попречување на избирачкото право, за што ѝ се заканува затворска казна од три до пет години.

Сличен инцидент со користење зелена хемикалија во течност, се случил и во градот Борисоглебск во регионот Воронеж, а обиди да се уништат гласачките ливчиња со користење мастило, наводно, се случиле и во градот Ростов и во Република Карачај-Черкезија.

Руската Централна изборна комисија (ЦИК) побара да се зајакне безбедноста на гласачките кутии поради овие инциденти.

„Јасно е дека на овие луѓе им се ветени пари и награди“, истакна заменик-претседателот на ЦИК Николај Булаев, наведувајќи дека овие злосторства ги извршиле и мажи и жени.

Тој додаде дека за да се осигура безбедноста на гласачките кутии, вработените во ЦИК ќе се обратат до полицијата и доНационалната гарда, нагласувајќи дека уништените гласачки ливчиња не можат да се бројат, што значи дека прекршителите практично ги крадат гласовите на рускиот народ.

Претходно вчера, претседателката на ЦИК, Ела Памфилова, изјави дека комисијата во пресрет на изборите е свесна дека можните „провокации“ може да имаат за цел да го нарушат процесот, но вети дека тие нема да успеат да го компромитираат гласањето.

Слични содржини