„Вијести“: Црногорската Влада подготвена да ја одложи примената на законот за вероисповед

од Aleksandar Petrovski

Владата на Црна Гора е подготвена да ја одложи примената на Законот за слобода на вероисповед до одлуката на Уставниот суд, односно Судот во Стразбур, изјави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Тој истакна дека тоа му го кажал црногорскиот премиер Душко Марковиќ за време на заедничката средба. Еврокомесарот таа порака ја пренел на состанокот со претставниците на црногорската опозиција, пишува весникот „Вијести“, повикувајќи се на повеќе извори.

За весникот од Владата било неофицијално објаснето дека тоа претставува логичен потег, бидејќи Законот е „лекс специјалис“ и многу е важна неговата уставност.

Марковиќ наводно понудил примената на Законот да се одложи до одлуката на Уставниот суд, а доколку биде одбиена иницијативата на Митрополијата црногорско-приморска, ќе се чека и одлуката на Судот во Стразбур.

Вархеји по средбата со Марковиќ истакна дека постои голема заинтересираност за актуелната ситуација во Црна Гора, додавајќи дека само со дијалог може да се придонесе за мирно решавање на проблемот. Еврокомесарот ја повика опозицијата да придонесе за смирување на тензиите, да учествува на изборите и да работи во интерес на државата.

– Разговаравме и за Законот за слобода на вероисповед, ќе се сретнам денеска и со митрополитот Амфилохије, важно е да знаете дека светот ве набљудува и светот е заинтересиран за дијалог и мирно решавање на тоа прашање, нагласи еврокомесарот за проширување.

Вархеји изјави дека ЕУ е многу посветена на регионот, а проширувањето повторно ќе биде ставено на приоритетната листа.

Слични содржини