Власта да покаже дека борбата против коруцпијата е национален приоритет на сите нивоа

од desk4

Корупцијата во сите општествени сфери се посочува како еден од главните проблем во извештајот на Европската комисија за напредокот на нашата земја за 2019 година.

Според ЕК земјата остварила одредно ниво на подготвеност во борбата со корупцијата со подобрување на легислативата и транспарентниот избор на новата Државна комисија за спречување на корупцијата.

Додека проактивниот пристап на ДКСК во борбата против корупцијата и работата на Специјалното јавно обвинителство во процесуирањето на  случаи на висока корупција се посочуваат како светла точка во Извештајот, сепак се нагласува дека во следната година власта треба дополнително да ги зголеми напорите и да покаже дека борбата против коруцпијата е национален приоритет на сите нивоа.

Во следната година во борбата против корупцијата државата особено треба да работи на:

· Проактивно спроведување на новите правила за спречување и борба против корупцијата и да поттикне од највисоко политичко ниво поактивен став од сите актери вклучени во борбата против корупцијата,

· Да ја потврди својата политичка волја за борбата против корупцијата преку поддршка на сите релевантни инстутуции со неопходна автономија во спроведувањето на надлежностите, како и со човечки и финансиски ресурси и

· Консолидирање на конечните пресуди во случаите на висока корупција, вклучително со конфискување криминален имот и осигурување дека правната одговорност за прислушувањето ќе продолжи независно од тековните реформи во обвинителскиот систем.

На 93-то место на индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешенал

Според Индексот за перцепција на корупцијата за 2018 година објавен од Транспаренси интернешенал од 180 земји Северна Македонија е рангирана на 93 место, заедно со Гамбија, Гвајана, Косово, Монголија и Панама, откако од 64-то место во 2014 година, 66-то во 2015, 90-то во 2016 и паднавме на 107-то место во 2017.

Според Катица Николова, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, корупцијата е тешка болест и ги урива институциите и вредностите во општеството, а најголем проблем е рамнодушноста дека не може ништо да се преземе околу тоа.

– Според дефинициите во Законот, корупцијата е злоупотреба на функцијата, јавното овластување, службената должност или положба за остварување корист, директно или преку посредник за себе или друг. Најчест синоним за корупција е дејствувањето на институциите на државата и јавниот сектор. Меѓутоа, корупција може да се јави во разни сектори, било да се тоа јавни, приватни, па и невладини, посочува Николова.

Корупцијата во јавниот сектор, појасни таа, подразбира политичка корупција, корупција во владини агенции и органи на управување, како што се полиција, царина, корупција во постапките за доделување на јавни средства преку концесии, дотации, субвенции, вработување. ..

Новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси отвора нов фронт за борба против корупцијата.

ДКСК за четири месеци работење има отворено вкупно 276 предмети од областа на спречување на корупцијата, од кои 263 се по пријави од граѓани, 13 предмети по сопствена иницијатива и четири предмети согласно Законот за заштита на укажувачите.

За 35 решени предмети одлуките се објавени на веб страната на Комисијата.

Според Николова ова не е задоволителен број, но треба да се има предвид фактот што периодот за решавање на предмети од овој вид согласно законот е 60 дена, иако реално гледано е потребно повеќе време.

– Во наведениот период отворени се 50 предмети за следње на имотната состојба на избрани и именувани лица кои вршат јавна дејност, додека во областа на спречување судир на интереси по сопствена иницијатива отворени се 66 предмети. По пријави, преставки и барања мислења се отворени 104 предмети. По проверка на изјавите за интереси 19 предмети, а поведени се 23 прекршочни постапки, изјави Николова.

Од отворените предмети, нагласи, дека за судир на интереси, односно непотизам решени се 28 предемти, од кои произлегле повеќе барања за преиспитување на постапките на извршениот избор, како и две поднесени иницијативи до ОЈО за нивно постапување против две избрани лица за злоупотреба на функција при вработување на блиски лица.

– Од анализата на предметите во областа на судирот на интереси и непотизам при вработување пред се во јавниот сектор утврдивме значајни слабости во системот на вработување. На пример, се вршат промени во актите за систематизација со што се креираат работни места или се менува видот на потребното образование непосредно пред отворање на огласите. Потребниот вид образование најчесто зависи од образованието на лицето кое  треба да се вработи. Се вработуваат лица преку агенции за привремени вработуваања за кои не се врши проверка дали поседуваат соодветно образование и искуство, туку најчесто до нив се доставуваат списоци со лицата кои треба да се ангажираат. Не се утврдени критериуми за евалуација на кандидатите и ниту има пракса за изготвување  ранг листи. Изборот кое лице ќе се вработи во најголем дел зависи од дискрециското право на одговорното лице односно директорот, поради што има случаи кога најдобро рангираните не се избирани, туку некои десетто или 15-то рангирани. Одбиените кандидати само добиле известување дека се одбиени без можност да се жалат или користат друг правен лек, изјави Николова.

Според Николова граѓаните не треба да ги охрабруваат вработените во јавната администрација, директорите, судиите, инспекторите, градоначалници и министри со мито, затоа што нивната плата ја обезбедуваме сите ние од нашите даноци.

Корупцијата е проблем во работењето на 66 проценти од компаните

Според учесниците на конференцијата за „Зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и приватниот бизнис – сектор“, што минатата недела се одржа во Скопје во организација на Центарот за граѓански комуникации и Здружението на граѓани Конект, корупцијата е проблем за деловниот развој на компаниите.

Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации, посочи дека истражувањето за транспарентноста и отчетноста на 30-те најголеми претпријатија направено во последниот квартал на 2018 година покажува дека просечно ниво на транспарентнсот и отчетност на државните претпријатија изнесува само 28 проценти од можни 100.

– Највисоко ниво на транспарентност и отчетност го покажа ЈП за државни патишта со 52 проценти, а на дното се наоѓа АД Градски трговски центар со ниту една објавен информација која согласно закон треба да бидат објавени, изјави Факиќ.

Посочи дека државните претпријатија не ги објавувале кварталните и годишни финансиски извештаи, не се објавуваат членови на управни и надзорни одбори и договори за јавни набаваки, како и било какви информации за дневниот ред и седниците на одборите.

– Сето ова се податоци што не говорат дека државните претпријатија имаат чувство дека располагаат со јавни ресури и се должни да даваат отчет за своето работење, истакна Факиќ.

Според Никица Кусинкова од здружението Конект, последниот извештај за спроведувањето на целта 16 од целите за одржлив развој покажува дека годишно земјите во развој губат 1,26 трилиони американски долари поради корупција и една од пет компании на глобално ниво се соочила со барање поткуп во нивниот однос со институциите.

– Во оваа насока е важно да се вклучи бизнис заедницата во дискусијата и спречувањето на корупцијата. Во Северна Македонија 66 проценти од компаниите изјавиле дека корупцијата им е проблем за деловниот развој, што значи го препознаваат како проблем за нивен зголемен раст. Голем дел од нив посочуваат дека корупцијата креира нелојална конкуренција, дека ги зголемува нивните трошоци на деловно работење, изјави Куинкова.

Посочи дека проценките на глобално ниво се дека за десет проценти се зголемуваат трошоците на деловно работење поради корупцијата и дури до 25 проценти во јавните набавки.

ДКСК е само дел од успешен механизам за ефикасна борба против корупција

Министерката за правда Рената Дескоска вели дека со донесувањето на Законот за спречување на корупција и судир на интереси се создадени механизми за ефикасна борба против корупцијата, но таа не е единствен органи и не смее да остане единствен орган во системот за одржлива борба против корупцијата.

– Во постојниот закон го воведовме терминот интегритет сакајќи да потенцираме дека тоа е начело кое треба да биде клучно за работењето на сите и го дефиниравме од аспект на законито, независно, непристрасно, етичко, одговорно и транспарентно вршење работи со кои службените лица го чуваат својот углед и угледот на институцијата. Предвидовме и обврска институциите внатре да создадат механизми кои ќе ги елиминираат ризиците од корупција и ДКСК да биде поддршка во тој процес, изјави Декоска.

Посочи дека како што за танго се потребни двајца и за корупција се потребни двајца, поради што и механизмите се насочени кон двете страни, кон носителот на активна и кон носителот на пасивна корупција.

– Ставивме одредби кои треба да значат обврска на јавните функционери да се исклучуваат од судир на интереси. Ставивме одредби лице кое управувало со трговско друштво, штом ќе стапи на функцијата е должно управувањето да го довери на друго лице. Во делот на супервизија и контролен надзор воведени се ограничувања не само во текот, туку и по престанок на функцијата. Во законот ставаме забрана за користење службени информации со цел да се оствари корист за себе или за некој друг, посочи Декоска.

Тоа е правната рамка, нагласи Декоска, но често ние не сме страдале од правната рамка, туку од имплементацијата на законските решенија.

– Тука се Државната комисија за спречување на корупција, но тука е на потег Јавното обвинителство и судовите.  Затоа се насочени и нашите напори кон донесување  новиот Закон за јавно обвинителство, што ќе го направи траен орган во системот кој што ќе има ефикасни надлежности спрема сите кои се носители на јавни фунции. Во моментов немаме позитивни вести во носењето на Законот за јавно обвинителство, но се надевам дека конечно ќе го финализираме овој закон, што практично треба да ни овозможи уште еден траен механизам во системот за борбата против корупцијата, изјави Десковска.

Александар Атанасов  МИА

Слични содржини