ВМРО-ДПМНЕ со нови обвинувања за Договорот за името, СДСМ велат тоа се невистини

од desk2

Идните граѓани на Македонија, учениците, ќе учат историја напишана од грчки научници и тоа по вина на Зоран Заев и СДСМ, велат од опозициската ВМРО ДПМНЕ. Според нив, со Договорот за името се забранува употребата на македонското сонце, македонските топоними треба да се заменат со грчки, а треба да се направи и ревизија на учебниците.

„Зоран Заев и Никола Димитров со овој договор сакаат со пенкало да ја избришат целата македонска нација, целата нејзина историја, се атакува на нејзиното културно наследство, целосно на нејзината државност, прикажувајќи ја целосно како нова, вештачки измислена творба. Иако тоа не беше дел од преговорите, сега со добрата волја на Заев, од македонската меморија ќе треба да се избришат Солун, Кукуш и Лерин“, изјави Игор Јанушев – генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ .

Со Договорот се гарантира македонскиот идентиет, македонската посебност, македонскиот јазик, реагираат од СДСМ на прес конференцијата на генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ , Игор Јанушев.

ВМРО-ДПМНЕ не може да престане со пласирање на лажни вести, измислици и полувистини преку коишто продолжува да работи на штета на државните и интересите на граѓаните.Постигнатиот Договор со Грција е патриоски чин којшто го гарантира и зајакнува македонскиот идентитет и ги отвора вратите за членство во НАТО и ЕУ.

Иако Договорот е јавно достапен за сите, ВМРО-ДПМНЕ денеска продолжи со невистините.

Во однос на топонимите, членот 8 став 4 од Договорот обезбедува чисто и соодветно решение согласно меѓународните стандарди. Притоа им се дава приоритет на ендонимите, наместо егзонимите и тоа важи и за двете страни. Приоритет не значи забрана.

Ист е случајот и со формирањето на Заедничкиот комитет кој ќе работи во согласност со начелата и целите на УНЕСКО и Советот на Европа, а неговото делување исто така ќе важи за двете страни подеднакво.

Договорот го гарантира македонскиот идентиет, македонската посебност, македонскиот јазик.

Време е ВМРО-ДПМНЕ да престане со лажните вести преку кои работи против интересите на граѓаните и интересите на држава.

Време е ВМРО-ДПМНЕ конечно да покаже одговорност, да се одважи и во интерес на граѓаните да каже ДА за договорот којшто го зајакнува македонскиот идентитет, да каже ДА за македонската иднина, се наведува во реакцијата на СДСМ.

Слични содржини