Во кој град во светот сообраќајот е НАЈБАВЕН?

од Stefanija Kuzmanovska

Лондон е градот со најбавен сообраќај во светот, а жителите на американските градови поминуваат најмалку време на патот, покажуваат податоците од најновиот индекс на сообраќајот на компанијата TomTom.

Минатата година во Лондон биле потребни просечни 37 минути и 20 секунди за да се поминат 10 километри, што е една минута повеќе од 2022 година и речиси две минути повеќе од 2021 година.

Просечниот возач кој минува по 10 километри во утринските и вечерните шпиц часови секој ден поминува час и 28 минути во сообраќајот, губејќи 38 минути од сообраќајот за време на најголемата гужва.

По Лондон, најбавен сообраќај има во Даблин, Торонто, Милано и Лима, каде што возачите поминуваат растојание од 10 километри во просек меѓу 28,5 и 29,5 минути. Поради сообраќајниот метеж, жителите на тие градови губат по една минута за секој поминат километар.

Истражувањето е спроведено во 2023 година и опфатило 387 градови ширум светот. Мерени се сообраќајниот метеж, просечното време на патување, влијанието на гужвата, како и последиците од сообраќајниот метеж врз животната средина.

Лондон е најбавниот град дури и кога нема гужва, на пример ноќе. И под оптимални услови, на возачите во британската престолнина им требаат околу 25 минути за да поминат 10 километри. Тоа значи дека возачите во Лондон губат во просек по 12 минути на 10 километри поради сообраќајниот метеж.

Во соопштението на компанијата се нагласува дека за намалување на сообраќајниот метеж не е потребно само изградба на нови патишта, или обновување на патните мрежи за автомобилите, туку да се даде простор за други видови сообраќај.

Најдобри примери за тоа се Амстердам или Копенхаген, кои им дадоа поголемо значење на велосипедистите и пешаците.

Во главниот град на Холандија, кој има одлична велосипедска инфраструктура, просечно се потребни 17 минути и 10 секунди за да се поминат 10 километри, додека возачите губат само четири минути и 21 секунда во сообраќајниот метеж.

Слични содржини