Во Солун стотици луѓе на погребот на младиот Ром кој загина во полициска потера

од Stefanija Kuzmanovska

Стотици луѓе присуствуваа во ромската населба во Солун на погребот на младиот Ром кој почина откако беше застрелан од полицијата за време на потера пред една недела поради неплатена сметка на бензинска пумпа.

Лекарите се изборија за животот на 16-годишно момче со тешка повреда на главата во болница во Солун, откако на 5 декември беше застрелан од полицаец кој го бркаше со мотор бидејќи тинејџерот наполнил пикап со гориво на бензинска пумпа и заминал без да плати сметка од 20 евра. Но момчето вчера им подлегна на повредите.

Случајот предизвика протести од ромската заедница ширум Грција, иако претставници на заедницата и некои членови на семејството на убиеното момче ги молеа граѓаните да останат смирени.

Полицаецот (34), кој призна дека пукал, е суспендиран и се наоѓа во домашен притвор каде го чека судење за кривично дело убиство од небрежност и недозволено пукање од оружје.

Министерот за заштита на граѓаните (внатрешни работи) Такис ​​Теодорикакос на Твитер објави дека е „длабоко тажен поради смртта на момчето“ и изрази сочувство.

„Повторувам дека овој случај го истражува судскиот систем кој е единствен надлежен да ги оценува фактите и судиската одговорност. Сите да го почитуваме тоа“, напиша министерот.

Слични содржини