Вработените во МВР на кои во возилото им беше најден бункер со марихуана се вратиле во Скопје

од Берта Китинска

Вработените во МВР кои се наоѓаа во возилото во кое имало бункер со марихуана се веќе вратени во Скопје и тие немаат никаква врска до дрогата, тврдат од Министерството за внатрешни работи.

Станува збор за вработени во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, кои на 22 септември тргнале на обука во Црна Гора и за службеното патување задолжиле возило од авто-паркот на МВР. Кога стигнале на границата помеѓу Албанија и Црна Гора, тамошните цариници пронашле марихуана скриена во бункер, а од МВР тврдат дека таа дрога останала во возилото уште од 2016 година.

Се работи за возило кое, според објаснувањето, Министерството го добило од Агенцијата за управување со одземен имот, а било запленето од Царинската управа во акција за сузбивање на трговија со дрога пред пет години.

-Вработените во МВР немаат никаква врска со дрогата туку таа била скриена во автомобилот, односно останала од 2016 година кога ова возило било запленето во акција на Царинската управа, а потоа дадено на Агенцијата за управување со одземен имот, од каде пак е отстапено на МВР. Вработените во МВР немаат никаква поврзаност со дрогата и тоа го потврдило и албанското јавно обвинителство и тие се веќе вратени во Скопје, велат од МВР.

Оттаму додаваат дека за целиот случај го известиле и нашето јавно обвинителство за да постапува понатаму и да го расчисти случајот.

Слични содржини