Вулкан на Антарктикот секој ден исфрла злато

од Vladimir Zorba

Активен вулкан на Антарктикот исфрла златна прашина од 6.000 долари секој ден, откри копнената опсерваторија на НАСА.

Споменатиот вулкан се наоѓа на планината Еребус и на дневна основа испушта гас кој содржи 80 грама кристализирано злато. Вредноста на таа количина злато моментално е околу 6.000 долари.

Дури во 1991 година научниците забележале дека овој вулкан исфрла златни честички, кои ги откриле и на околниот снег. Деновиве беше потврден нивниот наод. Оние кои денес го проучуваат овој вулкан тврдат дека златото што излегува со лавата најверојатно доаѓа од вулканските карпи. Траги од злато може да се најдат не само на падините на вулканот, туку и многу подалеку. НАСА пронајде златен прав на оддалеченост од 999,4 километри од именуваниот вулкан. Причината за тоа е висината на вулканот (3.794 метри), и неговиот голем домет, но и фактот што понекогаш исфрла пареа и гас, а понекогаш и камења кои летаат многу подалеку.

Се разбира, луѓето не би биле луѓе доколку веднаш не прашаат како би можеле да го искористат овој вулкан во своја полза. Но, се покажа дека условите за собирање и преработка на неговото злато се тешки и дека не се економски исплатливи.

Вулканот Еребус произведува 80 грама злато дневно, а просечното дневно производство на овој благороден метал во светот е над 3.000 тони, што значи дека неговиот придонес е само капка во океанот. Дури и ако поединечни златни колекционери успеат да го соберат целото злато што вулканот го исфрлува, што е речиси невозможно, таа сума не би била доволна да донесе промени на глобалниот пазар на злато.

Овде треба да се напомене дека воопшто не е лесно да се дојде до самиот вулкан, како и дека условите за живеење и работа на Антарктикот не се баш идеални, имајќи предвид дека тој е најстудениот континент на нашата планета. Просечната годишна температура на него е -57 степени Целзиусови, иако во зима може да биде постудено. Во такви услови, транспортот на стоки, дури и мали количини злато, не може да биде едноставен и евтин, па потрагата по злато на Антарктикот едноставно не вреди. Барем додека цената на златото не порасне значително.

Слични содржини