Законите за Коридорите поминаа во Собрание, „Бехтел и Енка“ ќе може да гради

од Nikola Popovski

Владеачкото мнозинство го изгласа пакетот закони поврзани со договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на Коридорите 8 и 10д. Петте закони беа изгласани со 60, 62 и 63 гласа во Собранието. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против.

Со 60 гласа „за“ и 43 „против“ беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, со 62 гласа „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, со 63 „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, со 62 „за“ и 44 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, а со 63 „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, сите по скратена постапка.

Владата претходно одлучи предлог-законите да одат по скратена постапка со европско знаменце.

Предвидено е автопатите да бидат изградени за 4 години и 7 месеци.

Бехтел е најголемиот американски контрактор по приходи, додека глобално се трети. Имаат 54.000 вработени во речиси 40 земји. Градат големи инфраструктурни проекти ширум светот, а во регионот градеа неколку автопати, а некои ги следеа контроверзии. Ги градеа автопатите во Косово, Албанија, потпишаа договор за „Моравскиот коридор“ во Србија.

Слични содржини