Законските измени: Полицијата ќе има право да ви ја одземе возачката и возилото

од Берта Китинска

Новиот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, предвидува полицијата да може на сред автопат или на која било друга сообраќајница, да му ги симне веднаш табличките на возилото и да го отстрани од сообраќај ако се посомнева дека е технички неисправно. Ваквите возила полицијата може да ги задржи и до 90 дена.

Казната за физичките лица можат да бидат и поголеми од 250 евра доколку прекршокот го загрозува животот и здравјето на луѓето. Новост е тоа што се укинуваат негативните поени во возачките книшки, а нема веќе замена на казната за негативни поени.

Возилото ќе се одзема на три месеци и ако не е регистрирано или пак создава голема бучава, а на три дена во случај да е неисправно. Па така, сообраќајната полиција ќе може веднаш да отстрани возило од сообраќај, односно да ги одземе табличките, доколку констатира неисправност. Ваквите возила полицијата ќе може да ги задржи три месеца.

Во измените се вели дека полициски службеник може да одземе возачка дозвола или да исклучи возач од сообраќајот доколку возачот управува со возилото во лоша психофизичка состојба, под дејство на дрога и алкохол или пак доколку има предвидено или впишана забрана за управување со моторно возило.

Што се однесува до намалувањето на висината на казните за дела што не се животозагрозувачки, за непрописно престигнување казната се намалува од 300 на 250 евра, а исто и за возење во еднонасочна улица. За некористење на трепкачи, ќе се казнува со 35 евра. Ако не се вклучени соборните светла преку ден казната ќе биде 15 евра, а за незапалени светла навечер – 35 евра.

Согласно новиот закон улогата и задачата на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во овој случај е да ги информира учесниците во сообраќајот за сите новини кои што се настанати и да ги советува за нивно почитување.

Слични содржини