Жените потешко се „наспиваат“ од мажите

од Stefanija Kuzmanovska

Истражувањето на повеќе од 2.000 возрасни лица во САД покажа дека жените, за разлика од мажите, ретко или никогаш не се будат одморени. Процентот е 32 наспроти 21, според Health Day News.

Жените во Америка имаат слаб сон и имаат поголема веројатност да пријават дневна поспаност отколку мажите. Поспаноста влијае на секојдневните активности на 81 процент од жените, во споредба со 74 за мажите, според студијата спроведена на интернет.

„Жените се под неверојатен притисок – потреба од работа, домашна работа и воспитување деца, а сето тоа со насмевка. Понекогаш мораме да ги оставиме настрана нашите супер херојски наметки. Треба да се вратиме на столбовите на здравјето – исхрана, вежбање и спиење “, вели д-р Сиема Хосла, медицински директор на Центарот за спиење во Северна Дакота и претседател на Советодавниот комитет за јавна свест на Американската академија по медицина за спиењето.

„Не мора да биде комплицирано. Тоа е прашање на приоритизација. Оставете ги телефоните малку порано, создадете релаксирачка ноќна рутина и погрижете се да имате доволно време да спиете најмалку седум до девет часа секоја вечер“, посочува Хосла.

Американската академија за медицина на спиењето е категорична дека возрасните треба да спијат најмалку седум часа навечер и нудат совети:

* Одржувајте распоред за спиење. Станувајте во исто време секој ден, дури и за викенди или празници.

* Направете ја вашата спална соба тивка и релаксирачка. Чувајте ја удобна и ладна.

* Ограничете ја изложеноста на силна светлина навечер и исклучете ги електронските уреди најмалку 30 минути пред спиење.

* Не јадете многу пред спиење. Ако сте гладни навечер, јадете лесна, здрава храна. Не консумирајте кофеин, никотин и алкохол пред спиење.

* Вежбајте редовно и одржувајте здрава исхрана.

* Не одете во кревет освен ако не ви се спие.

* Ако не заспиете во рок од 20 минути, станете од кревет. Препуштете се на релаксирачка активност без да се изложувате на светлина додека не почувствувате поспаност.

Слични содржини