Зошто Германците се уште се опседнати со марките?

од Stefanija Kuzmanovska

„Германската марка е нешто што некои Германци го сакаат повеќе од сопствената сопруга“, така тогашниот сојузен министер за финансии Тео Вајгел (ЦСУ) го опиша односот на многу Германци со нивната валута во октомври 1997 година.

Иако Германците носат евра во своите паричници повеќе од 20 години, марката сè уште „живее“ во главите (и срцата) на многу граѓани на Сојузната Република. Зарем една топка сладолед, за која треба да издвоите по две евра, некогаш чинеше едвај 30 фенинзи, пишува ДВ.

Марката беше симбол на германскиот економски бум по Втората светска војна. Таа стана мит, пишува агенцијата dpa. Кога оваа валута беше воведена во западногерманските окупациски зони пред точно 75 години, на 21 јуни 1948 година, полиците на продавниците беа исполнети преку ноќ. Трговците ја извадија робата од магацините, стоката што ја чуваа таму бидејќи едноставно повеќе не и веруваа на претходната валута – германската Рајхсмарка.

Во децениите што следеа, западногерманската марка стана втора најважна валута во светот, по американскиот долар. Но, тој голем рез во 1948 година, односно преминот кон нова национална валута, беше истовремено и голем шок. Се стопи заштедата на многу граѓани, за 100 рајхсмарки на штедната книшка се добиени само 6,50 нови марки. Но, платите, кириите и даноците едноставно беа префрлени во новата валута на основа 1:1. Секој граѓанин тогаш добивал еднократна премија од 40 марки, а дополнителни 20 марки еден месец подоцна. Намалувањето на понудата на пари на пазарот беше основа за стабилна валута.

Големиот тест за зрелост за марката дојде само неколку децении подоцна, и тоа сосема неочекувано: „Ако дојде германската марка, ние остануваме, ако не, одиме кај неа!“ Ова го извикуваа жителите на тогашната ГДР есента 1989 година, есента на големите промени. Уште пред политичкото обединување на Германија, на 1 јули 1990 година, марката ја замени ознаката ГДР. Курсот по кој источната валута се менуваше за западната – 1:1. Особено тогашниот федерален канцелар Хелмут Кол (ЦДУ) инсистираше на брзо создавање на економска и монетарна унија – и покрај предупредувањата од Бундесбанката (германската централна банка). Проблемот беше што по воспоставувањето на марката како официјална валута, планираната економија на ГДР преку ноќ се најде во бурните води на капиталистичкиот систем на пазарната економија.

Единаесет години подоцна, на новогодишната ноќ 2001/2002 година, пристигна еврото. Новата европска валута ги замени марката, лирата, франкот, шилинзите и така натаму. По првичната еуфорија следеше ненадејно отрезнување во Германија. Многу Германци го доживуваа еврото како „Теуро“ (игра со зборови што сигнализира дека со воведувањето на еврото сè стана поскапо, н.з.) – без оглед на тоа што статистичарите и економистите тврдат поинаку.

Многу луѓе при користење на новата валута во продавници, кафулиња или фризерски салони имаа чувство дека марката е претворена во евра во сооднос 1:1. Во првата година по воведувањето на еврото, „Teuro“ беше прогласен за збор на годината во Германија. Имаше и многумина кои предвидуваа дека заедничката валута со Италијанците и Грците еден ден ќе стане неконвертибилна, „мека“ валута на која пазарите нема да и веруваат. Канцеларот Кол во тоа време беше свесен за скептицизмот, како што подоцна призна во едно интервју: „Многу веројатно ќе го изгубиме референдумот за воведување на еврото и укинување на германската марка“.

Слични содржини