Амбасадата на САД повика процесот на приговори за изборите да се одвива законски

од desk3

Политичките партии треба да овозможат процесот на приговори за резултатите од предвремените парламентарни избори од 11 декември да се одвива во согласност со законот, изјавија од Амбасадата на САД, на прашањето на „Мета“ како ги коментираат синоќешните вербалните напади врз странски дипломати во Македонија, говорот на омраза и апелите за линч.

– Ова беа тесни избори и природно е што страстите се подигнаа. Ги охрабруваме сите партии да работат заедно и да го адресираат тоа што ги загрижува луѓето во Македонија и потребите на оваа земја. Се надеваме дека сите партии ќе овозможат процесирањето на приговорите да се подвива според законот, на фер, транспарентен и мирен начин – изјавија од Амбасадата на САД.

На синоќешниот протест на приврзаниците и на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, директорот на државниот архив, Филип Петровски, алудирајќи на американскиот амбасадор Џес Бејли, му порача да не провоцира.

– Тргни се од Македонија, немој да нè провоцираш повеќе, во Македонија победи македонскиот народ! Немој да ги закрвуваш односите на двете земји, и така си на заминување. Нема да си одиме додека не прогласите победа – рече вчеравечер Петровски.

Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Валентина Божиновска, пак, употреби говор на омраза и го спореди собирот пред ДИК со „Ноќта на долгите ножевите“, настан во нацистичка Германија за време на кој приврзаниците на Адолф Хитлер извршија серија егзекуции на неистомисленици.

– Да ги поздравам бранителите, оваа вечер е вечер на ножевите, оваа вечер е вечер или на разумот или на лудилото на еден човек. На последниот македонски предавник Зоран Заев … Ќе се случи еден ден во кој ќе кажеме „елате браќа и сестри да се собереме и да тргнеме, да видиме кој ќе ни биде цар, а кој шпион…“ – рече Божиновска вчеравечер, обраќајки се кон насобраните пред просториите на ДИК.

 

МЕТА

Слични содржини