Аналитичарите се сомневаат во кредибилитетот на судиите

од Vladimir Zorba
Отфрлањата на барањата на СЈО за притвор за дел од обвинетите за експертите на судот се контроверзни, но за жал, дури и очекувани.
Адвокатот Валентин Зафиров потенцира дека за вакви кривични дела, за какви што се товарат поранешните функционери, истите судии секогаш одредувале притвор. Тој смета дека судиите намерно го пробиваат рокот „шетајќи“ со доказите низ бирократските лавиринти за да купуваат време.
„Ова е само калкулирање. И Тоа дека обврска имало прво одлуката да се даде на обвинените. Ете, тоа е тоа лудило во судството, кога не знаат што прават. Ако му е одредена мерка притвор, курирот ли ќе му ја достави одлуката на обвинетиот за кој има опасност од бегство?“ – изјави Зафиров.
Неговиот колега, адвокатот, Александар Наков, дополнува дека главниот проблем е што предметите на СЈО се распределени кај судии, критикувани во јавноста поради нивната поврзаност со функционери од ВМРО-ДПМНЕ и поради тоа што дел од нив се спомнуваат и во „бомбите“.
„Јас се сомневам во нивниот кредибилитет, авторитет и смелоста да се одважат и да отпочнат да судат врз основа на законот, а не врз основа на наредбите кои се уште ги добиваат од одредени политички партии.“ – изјави Наков.
Ќе има ли разрешница? Аналитичарите се поделени. Некои веруваат дека судиите ќе се одважат и ќе судат правично, други пак се песимисти и сметаат дека притисоците се уште се силни.
„Ние имаме ситуација каде судијата се плаши повеќе од обвинетиот. И во тој случај што да очекуваш? Правда? Нема.“ – изјави Исмет Рамадани.
Изборот на судии кои ги добија обвиненијата претрпе измени и беше оспорен во јавноста, бидејќи од нив зависи дали обвиненијата ќе влезат во судска процедура, дали ќе бидат вратени на доработка во СЈО или, пак, ќе бидат одбиени./ТВ24

Слични содржини