Данкан: Кон мојата посета на Македонија!

од Vladimir Zorba

Денеска  и утре во  посетата на Македонија  е британскиот министер за Европа и Америка сер Ален Данкан, кој  ќе се сретне  со лидерсртово во Макеоднија Почнувајќи со државниот врв па се до  претседателите на парламентарните партии, со невладиниот сектор и со претставниците на Специјалното јавно обвинителство.

Пред доаѓањето во Скопје, Данкан објави блог на македoнски јазик на страницата на британското Министерство за надворешни работи во кој ја објаснува целта на посетата Блогот ви ги пренесуваме пораките:

Откако Обединетото Кралство изгласа да ја напушти Европската Унија, често добивам едно исто прашање од луѓето кои ги среќавам надвор од земјата: – Што значи ова за мојата земја? Мојот одговор е секогаш ист – Британија ќе ја напушти Европската Унија, но ние не ја напуштаме Европа.

Сакам оваа порака да ја донесам на мојата прва посета на Македонија. Нашата посветеност кон Западниот Балкан е цврста. Секретарот за надворешни работи јасно го порача ова за време на неговата неодамнешна посета на регионот, исто како и Премиерката во нејзиниот говор за Глобална Британија, пишува Данкан во блогот.

Тој истакнува дека неговата посета се случува во „особено клучен момент во македонската политика“, кога во тек се преговори за нова влада, по како што вели неодамнешни избори кои беа без јасно решение.

-Во ниту еден случај Британија нема да се меша во она што се ваши внатрешни прашања, не наши.

Доаѓам во Македонија за да ги ислушам лидерите на сите ваши политички партии и да испратам една јасна и едноставна порака: Обединетото Кралство е голем пријател на Македонија и ќе продолжиме да ја поддржуваме секоја влада на Македонија која ќе работи на битни реформи.

Секоја земја е различна. Граѓаните на Македонија одлучуваат за политиките и постапките на македонската Влада.

Нам ни е битно нашите две земји да ги споделуваат демократските вредности и ќе продолжиме да ја поддржуваме Македонија за да биде стабилен, безбеден и просперитетен партнер.

Вие го избравте членството во ЕУ и НАТО како најдобар стратешки пат за земјата и сум многу согласен со тој избор. Патот за членство во ЕУ и НАТО е основа за стабилноста, безбедноста и просперитетот на Македонија. За надминувањето на пречките за членство ќе треба одлучност, политичка решеност и несомнено некои многу тешки одлуки.

Политичарите во Македонија ќе треба да ги надминат разликите кои ја создадоа сегашната политичка криза и да се посветат на демократијата и потребните реформи за да ја повлечат земјата кон напредок. Реформите се битни за да се отворат работни места и просперитет, пишува Данкан.

Истакнувајќи дека треба да се вложи во надминувањето на пречките за членство во ЕУ и НАТО , а како битен елемент тој ги истакнува реформите, но и транспарентноста, без која како што вели не може да постои демократијата.

„Демократијата не може да постои без транспарентност, а таквата отвореност не е со цел да биде закана или омаловажување за политичарите и јавните функционери. Напротив, таа ни помага да го претставуваме нашиот народ. Исто така важи дека не може да ги прифатите демократските вредности без активно и динамично граѓанско општество и судски систем независен од политичко влијание.

Со нетрпение очекувам да ги слушнам ставовите на политичките лидери и граѓанскиот сектор за време на мојата посета. Се надевам дека ќе бидат искрени за предизвиците кои ги имаат и убеден сум дека ќе имаме отворени, позитивни разговори за тоа што можеме да направиме заедно за да ги надминеме предизвиците.

Знам дека можам да се сретнам само со еден мал дел од општеството за време на мојата посета. Затоа ве замолувам да ги споделите вашите мисли со мене и да ми помогнете да разберам повеќе.

Кажете ми како би ја опишале вашата земја денес – и што би промениле доколку можете, истакнува британскиот министер за Европа и Америка  на својот блог пред посетата на Скопје.

 

Слични содржини