Ви пренесуваме дел од интервјуто на претседателот на ВМРО-НП и екс-премиер Љубчо Георгиевски за Слободен печат:

ljubco-georgievski-540x313

Господине Георгиевски, медиумите објавија, а јавниот обвинител ја забрани за емитување тајната снимка од разговорот помеѓу премиерот Никола Груевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, воден во кабинетот на премиерот во зградата на владата. Сите знаеме дека таму нема поставено прислушна опрема. И вие бевте премиер, во истиот кабинет. Дали досега се случило таму, некој без знаење и без одобрување на премиерот, да постави прислушна опрема?

– Нема шанса за такво нешто. Освен ако некој од МВР на своја рака го сторил тоа. Да зборуваме за тоа дека некој од странство дошол и во кабинетот на премиерот поставил таква опрема, тоа е апсурд. Има само две можности – или премиерот самиот ги поставил уредите за прислушување, или тоа го сторила државна безбедност. Но, ако тоа е дело на ДБ, тогаш тоа е пуч, ама пуч од друг карактер, не ваков за каков што се зборува сега. Тоа би било нешто налик на аферата „Тито – Ранковиќ“.

Како ја оценувате напнатата политичка ситуација во Македонија сега, после „бомбашката“ војна на релација Груевски – Заев? И едниот и другиот јавно се закануваат дека имаат „бомби“, за кои барем до овој момент, кога го правиме ова интервју, никој не знае што се.

– Од тоа што јас го набљудувам, немам конкретни информации што се случува. Но, можам да заклучам дека Заев, дури и да го има тоа што го вели дека го има и го поседува, многу долго го влече. Стана веќе период од седум месеци. Тој му дозволи простор на политичкиот противник да се организира и да направи контраудар. Ако Заев поседува конкретни документи, сметам дека тој, во зависност од нивната тежина, не мораше да оди во јавноста, туку да поведе процес против јавниот обвинител. Мислам дека Заев самиот си дозволи да му биде направен еден ваков контраудар.
Да, но ако работата одеше само преку јавниот обвинител, прашање е дали јавноста немаше да биде исклучена од аферата. Велат дека станува збор за огромен материјал…

– И според изјавите на Груевски, и според Заев, едно е јасно, а тоа е дека има многу материјали од прислушувањето. Според Заев, има илјадници, а медиумите на власта споменуваат дури и милион фајлови. Значи, ние во Македонија имаме многу голем проблем, затоа што и двете страни го потврдуваат фактот дека има куп материјали од снимени разговори. Така што, целата работа, според мене, мораме да ја расчистиме и не е неважно како се направени тие материјали.

Што мислите, како?

– Првата варијанта, што ја заговара власта дека тие се снимени во странство па ѝ се дадени на опозицијата, е апсурдна. Тоа што тие се повикуваат на изјавата на Заев, кој вели дека материјалите му се од странство, не е ништо друго освен лажна трага. Да се фатиме сега за тоа и да правиме од него шпион на странските служби, тоа е парадоксално. Ниту една странска служба не би ви дала милион фајлови. Може таа снимала толку, но таа ќе ви ги даде десетте најкарактеристични. Никој од која било странска служба не е толку многу лут на некого во Македонија за да му даде на Заев милион фајлови. Апсурдно!
Логиката е јасна. Или власта снимала, или опозицијата снимала. Најважно е кој снимал. Но, јасно е дека некој прислушувањето го довел до патолошко ниво. Тоа не е здраво за Македонија и за нејзините граѓани. Секаде има тајно снимање, некаде е и законски дозволено, но овде станува за огромна цифра на снимка. И второ, многу е важно што е снимано. Двете работи, кој снимал и што има на тие компромитирачки снимки, се најважни. Сите сакаме да видиме што има во тие материјали.

За власта знаеме дека има цели системи на прислушување. Но, има ли опозицијата таква можност, самата да организирала тајно снимање?

– Како што опозицијата вели „власта снима“, така и власта настапи многу арогантно, дека снима опозицијата. Според мене, постои таква техничка можност. На многу места може да купите опрема за снимање телефони. И на интернет-шоповите се продава. Меѓутоа, некој да се дрзне да го стори тоа, треба да се соочи со фактот дека тоа е строго казниво, кривично дело. Сметам дека граѓаните не се ни наивни ни малоумни. Кога ќе почне процесот и кога ќе почнат во јавноста да излегуваат тие материјали, сè ќе се дознае и ќе биде јасно кој снимал, дали власта или опозицијата. Агресијата што сега се шири преку медиумите, нема да ѝ помогне на таа страна што сака вината да ја префрли на противникот.

Целото интервју прочитајте го на Плусинфо на следниот линк.

 

Слични содржини