Грујевски и Бошковски од Солун сакале да се скријат во Будимпешта

од desk4

Горан Грујевски и Никола Бошковски, кои вчера беа уапсени во Грција, по распишана потeрница од Интерпол, наводно од Грција сакале да заминат за Будимпешта, јавуваат грчките медиуми.

Повикувајќи се на информации од грчкото МВР, јавуваат дека двајцата македонски државјани, поранешни припадници на разузнавачка служба, со фалсификувани пасоши се уапсени на солунскиот аеродром, од каде што наводно сакале да заминат за Будимпешта.

Грчката полиција во официјалното соопштение за апсењето на двајцата избегани припадници на македонската Управата за безбедност и контраразузнавање, не посочуваа детали за тоа каде престојувале Горан Грујевски и Никола Бошковски, ниту пак информација каде планирале да отпатуваат од аеродромот во Солун.

Она што е потврдено од грчката полиција, во изјава на анонимен функционер за агенцијата АП, е дека двајцата македонски разузнавачи поседувале лажни бугарски патни исправи.

Според информации од Солун, двајцата околу 15 часот биле изведени пред истражен судија во Солун.

Во истрагата ќе бидат вклучени и бугарските власти кои треба да откријат какви точно документи поседувале Грујевски и Бошковски и каде бил направен фалсификатот.

Според неофицијални и непотврдени информации на ДВ, Грујевски и Бошковски одредено време престојувале во вила на првиот крак на полуостровот Халкидики, а потоа се префрлиле во стан во Солун. Според повеќе македонски медиуми, кои пак се повикуваат на пишување на грчките портали, обвинетите планирале да заминат за Будимпешта со директен лет од Солун.

Грујевски и Бошковски се во бегство повеќе од три месеци, а обвинети се од СЈО во рамките на случајот „Тврдина и таргет“ за незаконско прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на дел од таа опрема.

Како ќе се одвива понатаму постапката за екстрадиција на двајцата македонски државјани од Грција, засега останува нејасно бидејќи двете земји немаат билатерален договор за екстрадиција. Според поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, тоа сепак, не само што не е пречка за нивна депортација, туку може и да ја забрза постапката.

„И досега практиката во вакви случаи одеше по скратена постапка и на ист начин. Односно, бараните лица во договорено време се предаваа на некој граничен премин“, вели Павле Трајанов за ДВ.

Слични содржини