Могерини за НОВА: Изградете максимално национално единство за ЕУ

од Vladimir Zorba

  

Ви благодарам за оваа можност да и се обратам на јавноста и да ја објаснам стратегијата што ја усвоивме во Европската комисија. Знаеме дека луѓето во регионот, а особено во поранешната југословенска Република Македонија, го одбраа патот на интергација во ЕУ. Видовме дека лидерите и институциите ја имаат таа определба но пред се, граѓаните. Стратегијата е нашиот одговор, нашиот избор.

Ние ве сакаме во ЕУ, веруваме дека тоа е наш европски интерес и сакаме тој процес да биде неповратен и кредибилен и да бидеме сигурни дека во наредните месеци ќе видиме понатамошни чекори во вашата земја. Она што ќе биде важно во следните месеци е позитивната препорака да се отворат преговори за членство што Комисијата е подготвена да ја направи и тој предлог ќе оди на масата на земјите членки на одлучување.

Јас се надевам и очекувам дека таа ќе биде позитивна. Не сакам да давам прогнози, тоа е процес што следи а нашата порака е силна и јасна: не е само Скопје тоа што јасно и порачува на ЕУ дека сака да влезе, но ЕУ исто така му вели на Скопје – сакаме да дојдете кај нас. Ова е кредибилен процес заснован на заслуги. Тој процес ќе трае колку што е потребно, заснован на заслуги и суштина.

Вратата е отворена и ние треба да го чекориме патот заедно.

Во преговорите за името, Грција не губи ништо ако не се согласи на компромис а за Македонија цената може да биде идниот развој па дури и стабилноста. Што може ЕУ да направи за да се смени оваа небалансирана ситуација?

Моето искуство ми кажува дека во секои комплицирани преговори, а ова се комплицирани билатерални преговори под посредство на Обединетите Нации, секоја страна има чувство дека нејзините отстапки се поголеми од тие на другата страна. Тоа е нормално и треба да биде земено во предвид во самите преговори. Во овие преговори ЕУ не игра улога на олеснувач. Но, даваме голема поддршка на процесот што е во тек. Јас одблиску го следам, во контакт сум со моите колеги во Атина и Скопје и лично се надевам дека ќе има позитивен исход. Важно е за граѓаните од вашата земја, како и за граѓаните од регионот, да ЕУ е подготвена целосно да го поддржи овој процес и исходот. Нема повеќе да го коментирам процесот што е во тек за да покажам почит кон страните што преговараат но и поради тоа што се надевам дека процесот ќе има позитивен исход. Верувам тоа ќе биде историски исход. Да, тоа бара многу храброст. Но храброста е тоа што ни е потребно во комплексното време што го живееме. Верувам дека со единство во земјата, со определеноста на лидерите и со отвореноста што знам дека постои кај лидерите на двете страни, резултат може да има.

Може ли да биде успешна европската стратегија ако Македонија не почне преговори за членство со ЕУ оваа година?

Има причина зошто ние подвлекуваме дека стратегијата се однесува на целиот регион и за секој од шесте партнери. Причината е што сме силно определени да напредуваме сите заедно. Јас лично добро знам дека Балканoт или ќе напредува заедно, во смисла на регионална соработка на европскиот пат, или никој нема да успее. Оваа порака лидерите од регионот многу добро ја знаат и разбираат. Заради блиската историја, географијата и тоа го велиме во стратегијата. Ние сме тука за да може процесот за биде успешен за сите. Јасно, засновано на заслуги. Но, она што јас сакам да го подвлечам, а е посебно важно за вашата земја, е дека временската рамка, што, да подвлечам, не е рок, не е цел, но е реална перспектива, е тука за земјите што сега преговараат и за земјите што можеби ќе почнат преговори во следните месеци. Јас посакувам Скопје да почне преговори. Ова е моја желба но имаме уште работа во таа насока во многу области. Имаме неколку месеци пред нас за да постигнеме резултат.

Временската рамка за 2025 година е тука за земјите што преговараат но и за оние што можеби ќе преговараат во наредните месеци.

Каква порака му упативте на новото лидерство на ВМРО-ДПМНЕ и дали тие ќе играат позитивна улога на македонската политичка сцена во следниот период?

Не е на мене да кажам. Мојата порака до владата и опозицијата е да се обидат да изградат максимално ниво на национално единство за решавање на билатералните прашања и градење добрососедски односи но и за реформската агенда и ЕУ перспективата. Верувам дека ова не е предмет за политички поделби, ова е генерациски предизвик што може да биде зграпчен а граѓаните очекуваат тоа да се случи.

Извор НОВА

Слични содржини