МОН: Распустот продолжен до 23 јануари, деновите ќе се одработуваат во сабота

од Vladimir Zorba

Министерството за образование и наука (МОН) ја прифати мерката на Министерството за здравство и на Комисијата за заразни болести за продолжување на зимскиот распуст за учениците, поради состојбата со грипот. Со ова, и официјално, второто полугодие од учебната година наместо на 18 јануари, ќе почне на 23 јануари.­

„Врз основа на сиот ризик што постои од грипот, предложената мерка е прифатлива за Министерството за образование и наука“, изјави денеска заменик-­министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

Тој додаде дека МОН за одлуката денеска ќе ги извести сите училишта во државата, а двата дополнителни дена од зимскиот распуст (18 и 20 јануари) учениците ќе ги одработат во сабота за да се исполни вкупниот фонд од 180 наставни дена во учебната година.

Одработувањето на деновите најверојатно ќе биде во март и во април.

Продолжување на распустот, секојдневна дезинфекција на автобусите во јавниот градски превоз во Скопје и во другите градови со организиран јавен превоз и темелна дезинфекција на училиштата пред почетокот на второто полугодие од учебната година, се мерките за намалување на ширењето на грипот во земјава, што ги донесоа Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести./Meта

Слични содржини