Османи – Жбогар: Потребна е тесна соработка на Владата и на Собранието за реформите

од Vladimir Zorba

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, и амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар, вчера разговараа за приоритетите на кои ќе работи новата Влада во наредниот период, во рамките на активностите посветени на интеграцијата во ЕУ.

– Соочени сме со големи предизвици за да го надоместиме изгубеното време поради продолжената политичка криза и да ја вратиме земјата на патот кон интеграција во ЕУ. Се надеваме дека ќе го оствариме тоа во тесна соработка со сите општествени чинители во земјава, со поддршка од нашите меѓународни пријатели и особено во партнерство со Европската комисија и со Делегацијата на ЕУ – истакна Османи.

Тој го информирал евроамбасадорот дека Владата го прифатила неговиот предлог одблиску да ја следи динамиката на реформите за интеграција во ЕУ, во согласност со реформските приоритети, како и за детален увид во статусот на ИПА-фондовите за да се подобри нивната искористеност.

Османи и Жбогар, како што се наведува во соопштението, се согласиле дека е потребно напорно да се работи на реформите, преку тесна соработка на Владата и на Собранието за да се спроведат неопходните реформи за обезбедување услови, на национално и на меѓународно ниво, за пристапување на Македонија во Европската Унија./Мета

Слични содржини