Притвор за сведоци, а не за обвинети

од Vladimir Zorba

Не знам како ќе се испере нашево судство од сите гревови направени во последниве години. Првиот знак на корекција на секое погрешно поведение е покајувањето, што во нашето судство никако да почнеме да го гледаме.

Знаете ли вие, драги граѓани, дека во Македонија се држат лица во притвор бидејќи треба да се појават како сведоци во кривична постапка? Прочитајте некој од извештаите на Здружението на млади правници, невладина организација која им дава бесплатна правна помош на мигрантите кои поминуваат низ територијата на нашата држава а кои често пати знаат да бидат задржани во т.н. имиграциски притвор. Знаете ли дека мигранти се држат затворени во Прифатниот центар за странци, некои од нив по 300 дена (притворот според нашиот устав може да трае најмногу 180 дена), без право на излез на чист воздух и без други основни права кои му следат на секој притвореник, и тоа по барање на Јавното обвинителство за организиран криминал, кое тврди дека нема друг начин како да го обезбеди нивното присуство во кривичната постапка против нивните криумчари? Знаете ли дека за ваквото постапување нема никаков правен основ, ниту во Законот за кривичната постапка, ниту во Законот за странци, ниту во Законот за гранична контрола ниту пак во Законот за азил? Ниту еден од овие закони не содржи основ за задржување или притворање на лице, било тоа да е странско или домашно, заради тоа што се појавува како сведок во некоја кривична постапка.

 Сепак, нашите институции наоѓаат основ за држење во притвор на сведоци, додека пак лица кои се осомничени, а потоа и обвинети за тежок криминал, се спасуваат од притвор кој судот го оценува како неоснован. Неоснован! Притворот за обвинети кој ЗКП го уредува во детали е неоснован, ама притворот за сведоци кој нема ниту една правна основа ниту во домашните закони ниту во меѓународните документи, редовно се одобрува и се спроведува.

Ете во таква држава живееме ние. Во држава која држи во притвор сведоци, наместо обвинети. Во држава во која елементарната правда е луксуз а не правило. Во држава во која одземањето на пасош на поранешен министер се смета за голем успех, а помислата дека еден ден може да има правда и за Сопот, Монструм, Нешковски, Младенов, се уште претставува утопија.

Колумната на Беса Арифи во целост прочитајте ја тука

Слични содржини