Продолжуваат судските процеси на СЈО

од Vladimir Zorba

  Судските процеси што ги води Специјалното јавно обвинителство се во фокусот на јавноста. Судењето за „Насилство во Центар“ ќе продолжи на 18 декември, одложено е рочиштето за „Тотал“, а прифатено обвинението за „Титаник 2“.

Вчера, како што потврдија од СЈО за МИА, Советот за оценка на обвинителен акт на Кривичниот суд го прифати обвинението за случајот „Титаник 2″ за изборни нерегуларности.

Во овој случај обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување се лидерот на ДПА Мендух Тачи, поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Анета Стефановска и Влатко Сајковски, како и актуелниот член Сашо Срцев.  Прифатен е и обвинителниот предлог за Сашо Мијаклов за кривично дело примање награда за противзаконито влијание.

Судењето за предметот на СЈО „Насилство во Центар“ ќе продолжи на 18 декември, соопшти вчера судијката Татјана Михајлова по денешното рочиште на кое сведочеше поранешниот градоначланик на оптина Центар Андреј Жерновски.

Жерновски рече дека протестите пред општината на 13 јуни 2013 година кај него предизвикале чувство на страв и несигурност и дека биле спречени да излезат од бараките. – Загрозени беа нашите животи. Беше очигледно дека постои комуникација меѓу советниците на ВМРО-ДПМНЕ, МВР и граѓаните што протестираа, рече Жерновски.

Рочиштето за предметот „Тотал“ во кој за даночно затајување е осомничен новинарот Драган Павловиќ-Латас, пак, вчера е одложено, а датумот за одржување ново рочиште дополнително треба да се одреди.

Бранителите на Павловиќ – Латас, адвокатките Анита Бегова и Светлана Савиќ побараа Судот да ги снима тонски и визуелно сите судски рочишта, за како што посочија, да се отстрани каков било сомнеж.

Апелацискиот суд Скопје ги потврди притворите за режисерот Борис Дамовски, актерот Владо Јовановски и поранешниот шеф на обезбедувањето на Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски, а  Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 ги потврди во целост решенијата на судија на претходна постапка, со кои беше прифатен предлогот на надлежното обвинителство за определување мерка притвор за пратениците Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов, како и мерка куќен притвор за Јохан Тарчуловски и Жаклина Пешевска.

Сите се товарат за учество во настаните во Собранието на РМ на 27 април годинава./МИА

Слични содржини