Ај сега, откога сите кажавме што имаме да кажеме за бонусите во ДИК, па дури и тие самите, може ли да се вратиме на основата? Не дека не е важно што, како и колку бонуси си поделиле во ДИК. Важно е!

Но, зошто не се сака да се чуе (прочита) амбасадорот Бејли во целост?

Она што се случи во ДИК беше само една илустрација што тој ја одбра за да ја отслика нашата стварност, која, и во ова пост-шарено време, за жал останува темна. Верувам дека воопшто не му било на памет на амбасадорот Бејли да се занимава со износот на наградата или како и да се доживува тоа во Комисијата. Меѓутоа, амбасадорот Бејли многу јасно посочи кон сите оние кои се “овозможувачи” на едно такво (не)поведение – покрај немањето морал, немање, односно не употребување на контролните механизми што ги дава системот, пред се, собраниските комисии за контрола, немањето лична одговорност на ниту еден вработен внатре во комисијата кој јавно би проговорил, немањето порив за истражувачки написи кај медиумите (сега Бранко Героски овде ќе ми каже дека тие се подготвувале, но биле “претркани”, во што верувам) и така натаму!

Значи – ако го читаме амбасадорот Бејли, тој онака фино ни го отслика општеството и ни врати назад во фаца со дипломатски манир зошто се давиме во корупција и зошто уште долго ќе бидеме таму. И можеме ние уште низа други СЈО-а да си формираме по секои одделни случаи. Ај да се потсетиме што не учеа од мали: рибата смрди од главата! Тука е клучот за справувањето со корупцијата ако се има волја!

Сега можат да излезат и пак да ни кажуваат дали е се по закон и по актуелните прописи! Како и во низата претходни случаи со кои се занимаваме. Знаеме ние. Заборавивте дека затоа со години бевме на улица да протестираме против владеење скроено по мерка на владетелот? Прашањето е дали ќе ја промениме таа одвратна стварност, или ќе пробаме и ние да се вкалупиме во матрицата на Груевски и неговите “законски” акти!

Се ми се чини дека амбасадорот Бејли ја загубил таа надеж, како што разочарани ја губиме и ние. Затоа и отиде да се обрати кај онаа млада популација која во иднина, можеби, ќе научи, и уште повеќе, ќе има подготвеност и храброст да се справи со една ваква еродирачка и сеопфатна коруптивна свест.

Зашто, многу убаво, и по овој повод решивме да ги затвориме очите и да им нарипаме само на ДИК, несомнено со причина, а да ги заборавиме сите оние други кажани и посочени нешта (овој 120-член пи-ар работел одлично!). Корумпираните коалиции се најмоќни, над-партиски, со силен заеднички именител: интерес!

Елеонора Каранфиловска – Ретклиф (Фејсбук статус)

Слични содржини