СЕЛА Кризата зазема се поголем замав, ни треба институционална дебата другото е Анархија!

од Vladimir Zorba

Политичката криза не е завршена и за жал таа зема се поголем замав, изјави лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, по средбата со еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан и тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн.

– Единствена можност да се излезе од кризата е институционалниот пат. На ова општество му треба дебата. Сите тие кои што се против оваа форма не се ништо друго освен анархисти кои го ризикуваат спокојството на граѓаните, рече Села.

На средбата, како што истакна Села, бриселските дипломати повториле дека е потребно брзо формирање влада, за да се продолжи по патот кон евроинтеграциите. Тој посочи дека претседателот Иванов нема право на личен став, туку мора да го почитува Уставот.

– Претседателот може да има стотици лични ставови, но како претседател тој нема право на личен став за мандатот и треба да го даде на тој што ќе обезбеди мнозинство од минимум 61 пратеник. Треба да заврши конститутивната седница и уште еднаш да се информира Иванов дека има формирано мнозинство преку новиот спикер, па да се чека 10 дена да го даде мандатот. После тоа може слободно ако не го даде мандатот, да се гласа за Влада во Собранието. Кој има против може да се обрати до Уставниот суд – рече Села.

Прашан, дали на средбата се разговарало за воведување на некакви санкции од ЕУ, Села рече дека за тоа воопшто не разговарале.

– Не гледам зошто Хан би разговарал за санкции со нас. Треба да разговара со креаторите на оваа криза. Тој што го креира хаосот го контролира хаосот – рече Села.

Еврокомесарот Хан и европратениците Вајгл, Кукан и Флекенштајн во моментов имаат средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а потоа остануваат средбите со лидерот на СДСМ Зоран Заев и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Според првичната агенда, Хан по средните требаше да даде изјава пред крајот на посетата, но според последните информации, наместо тоа, еврокомесарот заедно со европратениците ќе дадат заедничко соопштение.

Слични содржини