Северна Кореја повторно се заканува: Трамп ја запали искрата, ние ќе се одмаздиме, но не со зборови!

од desk2

Официјален Пјонгјанг повторно упати закана до Соединетите Американски Држави – тензиите помеѓу двете држави се чини дека никогаш нема да стивнат.


Американскиот претседател Доналд Трамп, ја запали „искрата на војната“ со Северна Кореја и неговата земја ќе биде соочена со огнен удар. Ова го порача севернокорејскиот министер за надворешни работи, Ри Јонг Хо за руски „ТАСС“.

Тензиите помеѓу Северна Кореја и Соединетите Американски Држави дополнително се интензивираа во последните неколку седмици, а острата реторика, како што е познато, се должи на севернокорејските тестирања на нуклеарно оружје и балистички ракети.

Северна Кореја лансираше неколку проектили и потврди дека има изведено тестирање на хидрогенска бомба. Од Пјонгјанг порачаа дека напредуваат кон остварувањето на главната цел на нивните инжинери – развивање на моќна хирдогенска бомба, како и балистичка ракета која што ќе има долг дострел, доволен да долета на територијата на САД.
Говорејќи за руската државна новинска агенција „ТАСС“, министерот Ри Јонг Хо, изјави дека нуклеарната програма на неговата држава го гарантира мирот и стабилноста во земјата и за програмата не може да има никаква дискусија со некоја трета земја.
„Трамп со своите воинствени и безумни изјави во Обединетите нации ја запали искрата на војната против нас“, изјави Јонг Хо и додаде: „Мораме да се одмаздиме и тоа со огнени удари, а не со зборови“.

„Речиси ја достигнавме последната точка од патувањето кон конечната цел – да постигнеме реална рамнотежа на силите со Соединетите Американски Држави“, изјави шефот на севернокорејската дипломатија.

„Нашата главна порака е дека никогаш нема да се согласиме на преговори во кои што ќе се преговара за нашето нуклеарно оружје“, порача тој.

Слични содржини