Сијарто: Ако не се забрза евроинтеграцијата на Западен Балкан ќе се соочиме со безбедносни предизвици

од Vladimir Zorba

Седум земји-членки на Европска унија од Централна Европа денеска ја повикаа ЕУ да го забрза приемот на Црна Гора и Србија, наведувајќи дека пролонгирањето на интеграцијата на Западен Балкан може да претставува закана за безбедноста на целиот регион.

Министрите за надворешни работи на четирите држави од Вишеградската група (Унгарија, Словачка, Полска и Чешка), како и на Австрија, Словенија и Хрватска на денешната средба во Будимпешта разговараа за проблемите со миграцијата и ситуацијата во Западен Балкан и во Украина.

– Ако не можеме да го забрзаме европскиот интегративен процес во Западен Балкан ќе треба да се соочиме со сериозни предизвици за безбедноста во целиот централноевропски регион, изјави шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто.

Тој додаде дека ЕУ треба да ги забрза преговорите со Црна Гора и Србија и да почне преговори со другите земји од Западен Балкан.

Македонија и Албанија се земји-кандидатки  за членство во ЕУ, но уште немаат отпочнато преговори, додека Босна и Херцеговина и Косово чекаат да добјат кандидатски статус.

– Ситуацијата во Западен Балкан е прилично нејасна и нестабилна и ќе треба да се увериме дека ќе има дијалог за зајакнување на безбедноста во тој регион, наведе словенечкиот министер за надворешни работи Карл Ерјавец.

Слични содржини