Средношколскиот пленум реагираше на веста дека Министерството за образование и наука попуштило за математиката како задолжителен предмет за сите во државната матура, по средбата со Унијата на средношколци.

srednoskolskiplenum-580x320-540x298

Од Пленумот, кој на протести против реформите во средното образование на протести на улица изнесе речиси 10.000 средношколци во повеќе градови во земјава, велат дека нивната борба не е само за исфрлање на математиката и дека ќе продолжат со протести додека не бидат задоволени нивните барања.

„Нашиот марш во среда нема да покаже страв од учење туку жед за знаење. За она вистинско знаење што секој од нас го заслужува. Заедно да и покажеме на оваа земја дека интелектуалната младина е оформена и независна. Нашиот дух е непокорлив, а нашиот став непоколеблив!Собирот ќе започне во 12 часот пред Собранието на Република Македонија, а маршот ќе заврши пред МОН.“

Велат и дека Средношколската унија нема легитимитет..

„Непосредно пред вториот најавен марш на Средношколскиот пленум, средношколците ги дочека шокантна вест: Унијата на средношколци на Македонија која има неактивен статус од 2013 година успеа само два дена откако даде изјава за медиумите, да издејствува средба со раководството на МОН. Да потсетиме дека Средношколскиот пленум, кој што е сосем различен од Унијата на средношколци испрати две барања: Враќање на стариот концепт за полагање државна матура за сите подрачја, без разлика дали станува за природно-математичките, општествено-хуманистичките подрачја или јазично-уметничките подрачја. Второто барање е екстерното тестирање да биде ставено во мирување.

Иако во двете барања се бара средба со раководство и дискусија за воведените реформи и иако двете барања беа доставени два пати и иако министерот јавно изјави дека ќе оствари средба со претставници од Средношколскиот пленум, такво нешто не се случи. Постојано се обидувавме да стапиме во контакт и да закажеме средба, но сите наши обиди беа неуспешни.

Унијата на средношколци од 2013 година има неактивен статус. Исто така, според истражувањето на Младинскиот образовен форум „Капитулација, конфузија или отпор – социјалниот капитал на македонските средношколци“ (МОФ и Реактор, 2010] се увиде дека 70% од испитаните средношколци не се запознаени дали има средношколско организирање во нивните училишта, а 81% никогаш не учествувале во избор на Средношколска унија. Следува прашањето: Кој ја сочинува оваа унија на средношколци?

Нема да бидеме изманипулирани и нема да дозволиме да не поделите! Секој ваш обид за да ни наштетите ќе ни претставува дополнителен мотив да ги бараме нашите права и да се бориме за нашата цел која многу јасно ви ја покажавме! Ние нема да замолчиме, а особено нема сега, кога вие се обидувате да поделите, па да успеете, ние ќе се солидализираме и ќе ви покажеме дека сме многу, многу посилни отколку што сметавте!“, велат од Средношколски пленум.

 

Слични содржини