Тодоров даде исказ за атентатот извршен врз него

од Vladimir Zorba
Екс министерот за здравство Никола Тодоров кој беше нападнат со огнено оружје на први јуни, денот на предавање на функцијата, денеска бил да даде исказ во скопското обвинителство, дознава телевизија 24 од неофицијални извори.
И покрај обидите да добиеме официјална потврда, од обвинителството не сакаа да коментираат. Оттаму дури рекоа дека таков настан не се случил, иако дел од вработените потврдија дека Тодоров денеска го посетил обвинителството.
Покрај Тодоров, кој давал исказ како оштетен, во обвинителството биле сослушани и двајца сведоци, лица од обезбедувањето на поранешниот министер – велат нашите извори.
Тодоров беше нападнат од Љупчо Стојановски од Велес, дедото на малата Тамара која почина пред да добие можност да замине на операција во странство. Стојановски е во притвор во Шутка повеќе од половина месец, а кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1 ја одби жалбата на одбраната која бараше превентивни мерки поради неговата нарушена здравствена состојба. Иако жалбата е одбиена, како што дознаваме од извори во истрагата, сепак ќе врши психијатриско вештачење на Стојановски.
Еден ден откако дедото на Тамара пукаше во Тодоров, лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски во едно свое интервју, го впери прстот кон родителите на починатото девојче изјавувајќи дека не ја однеле на доктор навремено. Мајката на малото девојче кое не доби шанса за лекување, побара од јавноста да не се злоупотребува смртта на нејзината ќерка за политички потреби.

Слични содржини