Првиот опозиционер Зоран Заев за интернет порталот РеволуционерМК вели дека Извештајот направен под водство на рајхард Прибе го подготвувале врвни експерти кои успеале буквално да го сецираат врвот на метастазата во болниот државен систем.Ви пренесуваме дел од интевјуто:

Zaev-za-Revolutsioner-3-1

РеволуционерМк: Последната лидерска средба го врати во игра договорот од Пржино. Доколку сите инволвирани страни го почитуваат истиот, може ли да очекуваме дека веќе на следната средба закажана за 29 јуни ќе бидат ставени контурите на преодната Влада во којашто нема да има место за Груевски?

Заев: На последната лидерска средба само е утврдено она што треба да го направи секој одговорен политичар, а тоа е да го почитува договореното. Европската комисија на својата интернет страница ги објави сите договори и добро е што е така. Оттаму целата јавност може да се увери во она што го говоревме на 2-ри јуни, дека е утврдена потребата да се организира Влада којашто ќе ги организира и спроведе следните избори. Не е добро граѓаните да се држат во лага или во заблуда, зашто никој нема корист од криење на договореното, што порано или подоцна, доаѓа да се реализира. Нов момент од последната лидерска средба е што е утврден датумот до кога треба да се спроведе договорот од 2-ри јуни, а тоа е 29-ти јуни. За да може да се организираат предвремените избори во април, потребно е таа Влада, во транзицискиот период до април да успее да ги ослободи институциите и граѓаните од стегите, контролата и притисоците на Груевски и тесната група околу него. Ако Груевски во петокот потпиша дека е согласен да се поддржат сите спечифични препораки на Европската комисија, меѓу коишто последни се препораките во Извештајот на Прибе, а тие укажуваат на системски недостатоци и институционални злоупотреби, а системот и институциите се раководени од Груевски и негови соработници, тоа значи дека Никола Груевски веќе призна вина. Тој дури тоа го призна и вчера, на отворањето на онаа милионска грамада од камен, тврдина, како што го нарече новиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, кога препораките од ЕУ ги оквалификува како искусен советник. Очекувам, во интерес на граѓаните и на обезбедувањето услови за фер и демократски избори, на 29-ти јуни да продолжиме каде што застанавме во Брисел. Тоа значи, тргнувајки од разумните аргументи, да се согласиме дека Никола Груевски мора да се повлече најмалку 6 месеци пред изборите. Во спротивно, се’ друго паѓа во вода и ние ќе продолжиме со засилено вонинституционално дејствување се’ до реализацијата на конечната цел, враќањето на слободата и демократијата во Македонија.

РеволуционерМк: Пречистување на избирачкиот список, смена на раководната гарнитура на МРТВ, избор на независен Јавен обвинител, промени во ДИК, се дел од барањата со коишто опозицијата влезе во преговарачкиот процес. Дали сето тоа може да се заврши за 6 месеци и конечно, кои се гаранциите дека Груевски ќе го почитува договорот и дека по навика нема да го третира како “палома хартија“?

Заев: Ако ние, на 29-ти јуни, како што се обврзавме, ги завршиме успешно разговорите за организацијата на Владата којашто ќе ги подготвува изборите, ништо не не’ спречува веднаш да почнеме со работа на проблематичните точки. Тоа не се 6, туку 9 месеци, колку што посочувавме дека е минимум неопходно да се обезбедат елементарните услови за слободно изразување на волјата на граѓаните. Затоа е добро што дефиниравме дека до крајот на јуни мора да има договор. Ако искрено сите сакаме фер и демократски избори, тоа ќе се случи. Јас знам дека е јасно за целата јавност, дека СДСМ и опозицијата ниту ќе влезат во криминален изборен процес, ниту пак ќе го дозволат.
РеволуционерМк: Прилично е нејасна ситуацијата со ВМРО-НП, односно со нејзиниот лидер Љубчо Георгиевски. Неговиот предлог за амнестија од Ваша страна беше дочекан на нож. Тој беше единствениот лидер на опозициска партија кој не го повика членството да му се приклучи на граѓанскиот протест на 17-ти мај, иако многумина од нив самоиницијативно беа присутни на протестот. Се шпекулираше дека чадот од “бомбите“ може да го зафати и него, па се спомнуваа некакви “швајцарски сметки“… Каде настана куршлусот на релацијата Заев – Георгиевски?

Заев: Протестот на 17-ти мај, имате право, беше натполитички, граѓански протест, каква што е по својата форма и суштина коалицијата Граѓаните за Македонија. На тој протест не постоеше лева или десна партија, Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Влав, Ром, Бошњак, не постоеше оваа или онаа невладина организација, таму сите беа луѓе со една цел, да ја видат Македонија повторно слободна и демократска земја, достојна членка на ЕУ и НАТО. За тоа се бориме. Секој има право да го направи тоа што мисли дека е правилно. Љубчо Георгиевски изгледа си го направил својот избор. За причините, тој си знае, најдобро би било со него да поразговарате за тоа.

РеволуционерМк: Зошто е толку опасна “бомбата“ за Смилковско езеро? Кој е тој, или кои се тие на кои објавувањето на вистината за “Монструм“ може да им послужи како добра основа за предизвикување меѓуетнички судир?

Заев: Случајот за Смилковското езеро и во оваа прилика сакам да кажам дека им го ветив на граѓаните и тој збор ќе го одржам. Внимателни сме токму од причината што ја наведувате, дека може да послужи некому да се обиде да го наруши ова граѓанско единство на кое што му се радуваме, што го посакувавме и кое што имаме намера да го развиваме во мултикултурно богатство со што Македонија ќе се гордее во светот. Не се сомневам дека граѓаните и поддржувачите на коалицијата Граѓаните за Македонија ќе дозволат да подлегнат на можните провокации од етничка природа, затоа што ние сме обединети пред се’ затоа што ни е јасно дека имаме еден заеднички проблем – тесната група на власт на чело со Груевски. Немаме проблем како граѓани кои потекнуваат од различни етнички заедници. Се соочуваме со истите системски неправди поради партизираноста на институциите, со истата сиромаштија, со истата бесперспективност. Стравувам дека некои поединци или политички групи, мотивирани од различни побуди или интереси можат да ја искористат ситуацијата и да го нарушат граѓанското единство со кое што сега сите се гордееме. Но вистината никој нема право да ја премолчи и сите аргументи што ги поседуваме за овој случај во соодветен момент ќе ги споделиме со јавноста. Верувам дека брзо ќе дојде тој момент.

Повеќе ТУКА

Слични содржини