Во интервју за Дојче Веле на македонски, лидерот на СДСМ најавува дека граѓаните допрва ќе дознаваат детали за злоупотребите на власта и смета дека е прашање на време кога премиерот Груевски ќе си замине од власт.

0,,18335710_303,00

Река од луѓе се слева во седиштето на СДСМ. Новинари, партиски членови, граѓани, се упатуваат кон прес-салата за да ги слушнат сознанијата од новата опозициска „бомба“. Странски новинарски екипи се подготвуваат за интервју со лидерот на партијата. Од почетокот на февруари, ваква е „редовната слика“ во партиското седиште на „Бихаќка“. Зоран Заев (40), кој е под притисок на бројни активности и обврски – градоначалнички, партиски, средби со меѓународни претставниции и подготвување на следната „бомба“, засега не открива до кога ќе трае презентацијата на проектот „Вистината за Македонија“.

ДВ: Со последната „бомба“ сакавте да покажате пред јавноста како Груевски го демантира Груевски. Очекувате ли по ова премиерот да повлече некаков поинаков потег?

– Ова е уште еден доказ дека тој ја штити сопствената кожа, знаејќи дека ова еднаш мора да заврши, а го развлекува процесот со некаква необјаснива надеж дека нешто ќе успее да спаси. Жално е што во тоа развлекување ја вовлекува и Македонија во се полошо сценарио кое доведува до прашања – дали ова ќе заврши мирно, без тензии. Граѓаните со право се загрижени, бидејќи и во оние земји со минимум демократија оставките досега требаше да паднат. Но, Груевски не го прави тоа.
Последните објавени разговори го демаскираат Груевски. Како човек алчен по пари, по недвижен имот. Груевски од позиција на премиер црта и прецртува ДУП-ови и ГУП-ови за да ја зголеми површината и вредноста на парцелите на Водно во негова сопственост. Дополнително, монструозното и одмаздничко уништување на „Космос“ го покажува грдото лице на Груевски кон Фиат Цаноски откако тој ја напушта неговата коалиција. Груевски, преку соопштение од Владата изјави дека имотите на Водно не се негови. И излажа. Тврдеше дека Цаноски сам признал дека има грешки, и пак излажа и сам се демантираше. Снимките покажуваат како се измислувааат недостатоци во проектот или во градбата. Објавените матерјали ја покажуваат неговата патолошка потреба да лаже. Граѓаните треба да се уверат дека дури и во вакви критични моменти тој продолжува да лаже. Но, тоа е само мал дел од нечесноста на Груевски и од неговите одмазнички чинови.

ДВ: Која е точката од која целиот овој процес ќе почне да се движи во некаква насока на расплет? Која е таа аудио-снимка, која според вас, ќе предизвика некаков подраматичен пресврт?

-Прво, во меѓународната заедница, сите оние кои и се пријатели на Македонија и кои имаат обврска кон нејзината иднина, треба да ги осознаат сите руини од начинот на кој е уништено владеењето на правото, начинот на кој се направени изборните грабежи и фалсификати. На граѓаните им се интересни финансиските криминали, злоупотребите, богатењето на елитите, а за Груевски и тие околу него се важни еден друг вид на снимки- меѓусебните подметнувања и озборувања, клановски и дворски игри.
Има доволно силни материјали по кои би било логично да паднат оставки. Еве ќе ви кажам: следните два пакети за Ставрески и Јанкуловска се уште посилни докази од пакетот „купуваме чоколада, а немаме за леб“. Се работи за многу незаконски нешта, кои тие ги коментирале меѓу себе и со тоа ги потврдуваат сите неетички и недозволиви работи што се случувале во Македонија. Тој пакет би требало да предизвика одредена реакција кај нив. Би требало. Но, луѓето како да го изгубија образот. Како да имаат ѓон. Но и под стариот ѓон од чевелот некогаш ќе влезе шилото на вистината или шајката. Тоа ќе се случи. Нема бегање од тоа. Суштинското прашање е, дали ќе го преземат тој чекор, кој во секоја нормална држава би го презел еден политичар кога би се објавиле такви докази.

ДВ. Ве прашувам конкретно, која е таа тема што би била последната капка што ќе ја прелее чашата, не само кај членови на кабинетот на Груевски, туку во перцепцијата на јавноста дека после тоа – повеќе нема за што да се разговара?
-Да е малку разумен човек, уште по првата ‘бомба’ Груевски требаше поднесе оставка. Но тој е човек што се однесува максимално нерационално и опасно по интересите на државата.

Зарем досега објавените материјали не се доволен доказ за криминалното и коруптивно владеење на Груевски и неговата екипа? Но, еве, на вашето прашање ќе одговорам симболично. Ако на пример има 90 теми, пакети за објавување, најголемиот дел од нив се и тоа како податливи за да бидат пресвртен момент. Граѓаните ќе дознаат до каде отишол Груевски во трговијата со името на државата, што случувало со Мартин Нешковски, за финансиските криминали, што се случувало со А1 телевизија и со други случаи како што е „Монструм“, со Никола Младенов… Бидејќи Заев и СДСМ ги поседуваат доказите, ние немаме намера да прогнозираме до кога Груевски ќе може вака да издржува, туку знаме дека неговото време истече. Груевски е минато. Преодна влада мора да има и избори мора да се случат. Тоа е неизбежно.

ДВ. Но, таквата разврска засега не е на повидок. Груевски одби формирање преодна влада. Како би се случила таа во сегашните услови?

-Во еден дел ќе помогнеме ние со тоа што претстои за објавување. Ќе зависи и од претставниците на власта, од пратениците, од севкупниот амбиент, од реакциите на меѓународната заедница. Веруваме во целта и таа цел ќе ја постигнеме. Верувам, затоа што ги знам содржините на материјалите. Тоа што тие го правеле, ние само го обелоденуваме. Граѓаните и пријателите од меѓународната заедница не смеат да дозволат ова вака да продолжи. Сите анкети и анализи кои ги правиме покажуваат дека револтот е претворен во гнев. Гневот расте. Во секој момент реки од луѓе може да потечат по улиците. Ние ќе се обидеме максимално да ги контролираме случувањата. Ниту јас, ниту било кој во СДСМ посакува такво сценарио, но се може да се случи. Затоа се надевам дека побрзо ќе падне оставката на Груевски, отколку да дојде ден кога не ќе можеме да го исконтролираме тој гнев.

Повеќе ТУКА

Слични содржини