Адеми: Изборот на нов член на ДИК да се реши преку дијалог и доследно спроведување на законските одредби

од Radmila Tasevska

Потпретседателот и пратеник на Демократската унија за интеграција, Арбер Адеми апелира изборот на нов член на ДИК да не се претвори од техничко во дневно политичко прашање.

Адеми во вечерашното гостување во емисијата „10 минути“ на ТВ21 нагласи дека ова прашање треба да се реши преку дијалог и доследно спроведување на законските одредби.

-Темата за избор на член на ДИК воопшто не треба да се претвори во политичка тема. Во оваа насока, потребно е само доследно спроведување на законските одредби. Сметам дека Комисијата за именувања и сите 120 пратеници, од причина што се потребни две третини од вкупниот број пратеници за промени, избори и разрешување во Државната изборна комисија, ќе треба да имаме доследно спроведување на законските одредби и никако едно вакво техничко прашање да се претвори во дневно политичко прашање. Се надевам дека ова пречка ќе се надмине. Потребен е дијалог и да седнеме да поразговараме, без разлика кое ќе биде името што ќе го предложи опозицијата. На крајот на денот ќе треба да гласаат сите за да се обезбедат две третини од потребните гласови, рече тој.

Собраниската Комисија за прашања на избори и именувања денеска ја почна расправата за утврдување листа на кандидати за член на ДИК, но беше прекината откако претседателката на Комисијата Марија Георгиевска истакна дека кандидатот на опозицискиот Европски сојуз за промени – Абдуш Демири не ги исполнува потребните критериуми, затоа што е генерален секретар на партија, на што бурно реагираше пратеникот на албанската опозиција Фадил Зендели велејќи дека тоа не е точно.

Зендели посочи дека со документите при пријавата на јавниот оглас била доставена и нотарска изјава која потврдува дека лицето не е носител на функција генерален секретар на партија.

Слични содржини