Анкета на МЦМС: Јанчев, Димитриевски и Таравари се најдобри градоначалници

од Nikola Popovski

Резултатите од последното истражување на МЦМС „Доверба во Владата и локални избори“ покажаа дека тројцата најдобри градоначалници се: Митко Јанчев -Кавадарци, Арбен Таравари – Гостивар и Максим Димитриевски -Куманово. За нив се изјасниле 10,5 отсто, 7,5 отсто односно 6,8 отсто од испитаниците. Етничката припадност и афинитетите кон одредена политичка партија влијаеле на одговорите. За вкупно 44 градоначалници се изјасниле помалку од 1 процент од испитаниците, додека 14 градоначалници воопшто не се спомнати.

Истражувањето покажа исто така дека 42,0% од граѓаните имаат доверба во Владата, а меѓу нив, побројни се етничките Албанци (61,8%) и припадниците на другите заедници (51,5%).

„Околу три четвртини од граѓаните се согласни дека земјата е во политичка криза. Симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ (87,6%) и неопределените (78,6%) се побројни меѓу нив. Прашани за тоа што сметаат дека е решението за надминување на политичката криза, најголем број од граѓаните, односно 36,0% рекле дека тоа се предвремените парламентарни избори. Околу една четвртина веруваат дека Владата има сила да продолжи и да се справи со кризата, додека за 15,7% решението е формирање широка коалиција на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Гледано од перспектива на етничката припадност, етничките Македонци почесто го бирале одговорот „предвремените парламентарни избори“ (42,4%), а етничките Албанци повеќе веруваат дека Владата има сила да продолжи и да се справи со кризата (47,0%)“, стои во анкетата на МЦМС, што ја спроведе агенцијата М-проспект.

Во однос на локалните избори, 22,4 отсто од граѓаните би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, а 21,6 отсто за СДСМ. Поддршката за ДУИ и Алијанса за Албанците е 8,0 отсто, односно 6,2 отсто, а за Левица 5,2 проценти.

Во овој извештај се презентирани и анализирани ставовите на граѓаните за довербата во владата, моменталните политички случувања во државата и локалните избори добиени преку испитувањето на јавното мислење во периодот 17 до 24 март 2021 година.

Слични содржини