Арсовскa ветува бесплатен јавен превоз за скопјани, од Градот велат дека ќе банкротираат уште во првата година

од Vladimir Zorba

На прес конференцијата што ја одржа кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска најави бесплатен јавен превоз за сите скопјани и понуда на избор за жителите за еколошка алтернатива на нивните автомобили

Со ова решение беше презентиран еден од 15+1 проекти од нејзината програма и истото се однесува на проблемот со загадениот воздух, подобрување на хаосот со транспортот во главниот град и воведување сообраќаен ред.

Арсовска објасни дека вакви решенија има досега во Франција, каде во повеќе од 30 општини тоа веќе функционира. Во 2013 година во Естонија, Талин стана првиот главен град на ЕУ што направи промена, а минатата година Луксембург, со население од 626.000 жители, стана првата земја што понуди тотално бесплатен јавен превоз.

-Ако може тоа да функционира некаде, зошто не кај нас? Сведоци сме на лошо работење на ЈСП поради непродуктивни трошоци, не постоење на систем за брз и ефикасен превоз. Решението за БРТ ниту е добро, ниту пожелно за Скопје и со него ама баш ништо не се решава, туку само дополнително се комплицира. Ќе се преместуваат мостови, ќе се сечат дрвја по Партизанска, ќе се направи гломазен нефункционален систем. Секогаш одиме по комплицираниот пат кога пред нас имаме едноставни решенија. Време е тоа да престане“, порача Арсовска.

Од ЈСП велат дека велат според грубата пресметка, јавниот превоз во Скопје ги имал следниве месечни трошоци, ако како репер ја земеме непандемиската 2019 година: За гориво околу 600 илјади евра, за плати 1 милион евра, 400 илјади евра за приватни превозници, и 300 илјади евра за оддржување. Просечниот приход бил 750 илјади евра од продажба на билети. Значи, за 2019 година вкупните месечни трошоци биле околу 2.3 милиони евра, а вкупните годишни трошоци биле над 27 милиони евра, додека вкупните годишни приходи од продажба билети биле околу 9 милиони евра, пренесе „Независен“.

Експерти кои се упатени во проблематиката со јавниот превоз, укажуваат дека воведувањето на бесплатниот јавен превоз или комплетно ќе го блокира јавниот превоз или ќе го банкротира градот Скопје. За да се воведе функционален јавен превоз треба најмалку двојно, или тројно да се зголемат бројот на автобуси, вработени, и месечни трошоци.

Имено, ако не се зголемат постојните капацитети, автобусите би биле преполни, би се полнеле уште на првите станици и бесплатниот јавен превоз би бил сосема нефункционален. Ако се пресмета цената на чинење на новите автобуси кои мора да се набават (автобуската флота треба барем двојно да се зголеми), ако на тоа се додадат двојно поголемите месечни трошоци за гориво, плати, и одржување, и ако се намалат приходите од продажба на билети, тогаш доаѓаме до неверојатна сума од над 100 милиони евра само во првата година на воведување на бесплатниот јавен превоз.

Ако се додадат и исплатите за разните кредити на ЈСП, трошоците се над 30 милиони евра годишно! Практично, бесплатниот превоз во Скопје е утописка желба на кандидати кои воопшто не се упатени во проблематиката на јавниот скопски превоз, укажуваат познавачите

Ако се воведе бесплатен јавен превоз, со нови автобуси, со нови автобуски линии, и без билети, за да биде функционален, градот Скопје ќе банкротира уште во првата година. Ако се воведе пак бесплатен јавен превоз без зголемување на капацитетите, јавниот превоз ќе биде нефункционален и комплетно блокиран во поголем дел од денот, а градот Скопје ем ќе нема добар јавен превоз, ем ќе банкротира за еден мандат.

Слични содржини