Борел: ЕУ прави сé за да и помогне на Србија во борбата против коронавирусот

од Vladimir Zorba

Српскиот претседател Александар Вучиќ му пренесе на шефот на надворешната политика на ЕУ, Жозеп Борел, дека Србија смета на помошта на ЕУ во борбата против КОВИД-19, предизвикана од новиот коронавирус, како и во отстранувањето на економските последици,предизвикани од него.

Според прес-службата на претседателот на Србија, Борел во телефонскиот разговор рекол дека ЕУ прави се за да и помогне на Србија, особено во набавката на медицинска опрема.

Вучиќ ја поздрави одлуката на Европската комисија да формира итни резерви на медицинска опрема и материјали во вредност од 50 милиони евра, кои исто така ќе бидат ставени на располагање на Србија преку Механизмот за цивилна заштита.

Борел го известил српскиот претседател дека европските институции ја подготвуваат можноста земјите во процес на пристапни преговори со ЕУ да имаат пристап до Фондот за солидарност на ЕУ, кој сега е достапен во случај на кризи во јавното здравство, не само при природни катастрофи, како што беше тоа случај порано, се вели во соопштението.

Двајцата соговорници се согласиле дека е потребна соработка и координација на мерките помеѓу Западен Балкан и ЕУ за борба против ширењето на болеста, се вели во соопштението.

Една од клучните теми на разговорите била како да и се помогне на Србија економски по кризата со коронавирусот, а Вучиќ рекол дека се надева оти Србија ќе има ист третман како државите членки и пристап до различни фондови на ЕУ што ќе и помогнат на српската економија да се опорави.

Вучиќ и Борел разговарале и за регионалната состојба и односите меѓу Белград и Приштина.

Слични содржини