Британската влада даде „зелено светло“ за фудбалски натпревари, но се зависи од Премиер лигата

од Vladimir Zorba

Британската влада нема да го спречи одржувањето на фудбалските натпревари од претстојното коло во англиската елита, оставајќи ја конечната одлука за случајот на раководството на Премиер лигата.

Ова стана јасно од дел од соопштението на владиниот кабинет под наслов: „Насоки за периодот на национална жалост“. Како што е познато, постои голема можност домашните фудбалски натпревари викендов да бидат одложени поради 10-дневната национална жалост по вчерашната смрт на кралицата Елизабета Втора.

„Одлуката дали ќе се одржат спортски настани зависи од организаторите на натпреварите. Организаторите можеби ќе сакаат да размислат за употреба на црни ленти и едноминутно молчење пред одигрувањето на натпреварите“, се вели во соопштението, цитирано од локалните медиуми.

Се предлага и одложување на натпреварите на денот на погребот, кој најверојатно ќе биде 19 септември.

„Во знак на почит, тие можеби ќе сакаат да ги откажат или одложат настаните на денот на државниот погреб. Од нив не се бара тоа да го сторат и тоа целосно зависи од поединечните организации. Доколку се планираат спортски настани на денот на државната жалост, организациите би можеле да побараат промена на времето на настанот за да не се совпаѓа со погребот и придружните настани“.

По ова прашање, прволигашите денеска имаат состанок закажан за 12 часот по наше време. Голем број спортски настани на Островот се веќе одложени, како што се денешните натпревари од Шампионатот и Лигата 2, коњските трки, денешните кола на тековниот голф турнир PGA шампионатот и велосипедската манифестација Трката околу Британија.

Слични содржини