Чулев: Се надевам дека многу наскоро животот ќе се врати во нормала

од Vladimir Zorba

„Соработката, меѓусебната доверба и почитување се основата на која се темели полициското постапување и полициската работа и токму на вакви значајни и важни денови добро е уште еднаш да се потсетиме на вредности кои му даваат смисла на живеењето, а општеството го прават средина во која секој го добива местото што го заслужува“, вели техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев во својата честитка по повод двата празници кои се слават во државава – Денот на сесловенските просветители, Св.Кирил и Методиј и Рамазан Бајрам.

„Ова денес го истакнав при мојата работна средба и посетата на полициските службеници кои се распоредени на полициските пунктови во околината на Тетово и Гостивар. Уште еднаш се заблагодарив на полициските службеници и на сите граѓани кои и во деновите за празнување покажуваат исклучително високо ниво на меѓусебна почит, но и ги почитуваат одлуките и мерките кои се донесени од страна на Владата, а имаат за цел превенција од коронавирусот.

Апелирам до граѓаните да останат во своите домови за време на ограничувањето на движењето овие неколку дена, да ги почитуваат мерките за користење заштитна опрема и искрено се надевам дека многу наскоро животот и секојдевните обврски ќе се вратат во нормала“, додава Чулев.

Слични содржини