Дали Заев со своите претпознатливи „вештини“ ќе ја добие битката на локалните избори?

од Берта Китинска

Неочекувани и изненадувачки се резултатите од првиот круг на локалните избори сметаат аналитичарите .Според професорот Мерсел Биљали победата на владејачката партија во вториот круг е убав сон, кој ќе остане како сон, а хаваријата во земјава ќе се продлабочи.

-За жал Заев се опкружил со ептен слаб тим самобендисан и тотално непрофесионалци, и тоа го доведе до ваква состојба која слободно може да се нарече хаварија. Доста помогнав за да дојде на власт мислејќи дека ќе инсталира професионална стуктура за да ја заздрави болната држава во сите сегменти. Но, наместо за тоа да се користи со врвни доктори, тој земал попросечни болничари кои чудесно како брзо се здобија со власт која ја грабна оти царот стана слеп. Многу жалам што беше упропастена една таква позитивна енергија за позитивни промени, вели за „Локално“,  Биљали.

Ова мислење го делат многу важни луѓе, вели професорот и аналитичар додавајќи дека интелигентните водичи ни во сон не би го дозволиле оваа ситуација која се случува во моментов.

-Резултатите се повеќе од катастрофални и тие  не му даваат веќе кредибилитет и легитимитет на постојнава власт да владее. Пробав да помогнам до пред нешто повеќе од две години, но многу тешко идеше. Дури почнав и колумни со добронамерна критика да пишувам за грешките додека му бев советник, но едни дечиња таму летеа на облаци. Па затоа се поздравив со кабинетот. Не сакав да бидам дел од тонењето на тој брод, а сигурно знаев дека тоа ќе се случи, објаснува Биљали додавајќи дека „победата во вториот круг е убав сон, ама само сон“.

Тој смета дека хаваријата ќе се продлабочи, бидејќи опозицијата како целина е во тежок нокдаун.

-Мислам дека не е толку до некој пресврт за ВМРО, колку што е резултат на огромното разочарување. Пример само изјавите дадена на секое ќоше! Професионалци никако не би го дозволија тоа. Изјава ќе се даде ретко од лидер и тоа 1000 пати промислени  како треба да бидат тие. Оти слабите и лошите изјави ве задушуват.Подобро е власта да си поднесе оставка и да си замине наместо да се сруши на улица,подвлекува аналитичарот.

Релативно изненадувачки се резултатите од првиот круг на локалните избори според Александар Кржаловски, аналитичар и прв извршен директор на невладината МЦМС, тој оценува дека ВМРО-ДПМНЕ  нема некој значителен напредок во бројот на гласови, но падот на СДСМ е огромен 

-Со оглед на малкуте објавени анкети/прогнози, со јасна победа на ВМРО-ДПМНЕ наспроти најавите и од премиерот за 22:6 исход по првиот круг (додуша се испостави прилично точно 22:9, но со сменети улоги). На многуте неисполнети очекувања (главно на национално ниво, но и во доста општини), пред се во однос на правдата, корупцијата, како и ЕУ преговорите… потоа лошото справување со Ковид-19 (огромната смртност) и генерално лошите перформанси на многу фронтови, висока некомпетентност и неспособност и ноншалантниот однос кон одговорноста (речиси кон ништо, а дури и казнување на ретките свои способни кадри заради непослушност). ВМРО-ДПМНЕ и нема некој значителен напредок во бројот на гласови, но падот на СДСМ е огромен, коментира Кржаловски.

За тоа дали може да се оствари, прогнозата на Заев за конечна победа во вториот круг, аналитичарот смета дека оваа визија е многу тешка.

-Многу тешко, а јас би рекол и невозможно. Веќе е загубена битката во број на гласови на советничките листи (и тоа за 50-тина илјади гласови), а големиот заостаток 22:9 (13 градоначалници) по првиот круг, нема да може да се надомести. Иако е теоретски возможно (СДСМ има кандидати во втор круг во 33 општини, од кои водечки во 15 – па ако секаде победи би можел да стигне и до 42, или барем до „1 повеќе од ВМРО-ДПМНЕ“), но и ВМРО-ДПМНЕ има 27 кандидати (и води во 16 од нив), па пореалистично е дека разликата ќе остане (13-15) што е и моја проценка/прогноза (околу 35 : 23, што ќе е само малку ублажен изглед на поразот). Ќе остане жестоко да се борат за град Скопје, но со овие резултати и ситуација и тоа изгледа како невозможна мисија (со веќе загубено мнозинство во Советот на град Скопје), коментира Кржаловски, објаснувајќи дека доколку ВМРО-ДПМНЕ , ја задржи и потврди и во вториот круг победата во повеќето општини ќе има притисок за свикување на предвремени парламентарни избори.

-Ако ВМРО-ДПМНЕ, после победата во бројот на советници, предноста од првиов круг во број на градоначалници, ја задржи и потврди и во вториот круг и како „капак“ на избориве – триумфира и во град Скопје – ќе има притисок за свикување на предвремени парламентарни избори следната година. Но, тоа може и да не се случи, т.е. владејачката коалиција да се одржи до крајот на мандатот, смета аналитичарот.

Според него СДСМ треба дополнително да изанализира „каде се“ гласовите кои недостасуваат на нивното контото од минатите локални и парламентарни избори.

-Секако има голем број разочарани поддржувачи, кои воопшто и не излегле на гласање, но и прелеани гласови кон други опции. Очигледно огромен е падот во Скопје (50-60,000 гласови), како и во другите поголеми урбани центри, а голем дел од тоа е насочен кон независните листи (кои ако ништо друго имаат поискрена и пореалистична понуда) вели тој.

Според  Кржаловски  напредокот на Левица на овие избори може да биде пресудна во вториот круг за некои кандидати.

-Левица напредуваше (речиси 50,000 гласови… во однос на околу 36,000 на парламентарните избори) но помалку од што се очекуваше. Може да биде одлучувачка нивната улога во поддршка на некои кандидати во вториот круг, а уште повеќе во формирањето (или не) на мнозниствата во Советите каде што имаат избрани советници, смета аналитичарот.

И за поранешен пратеник и политички аналитичар Исмет Рамадани , резултатите од првиот круг на локалните избори се неочекувани.

-Самиот факт дека моите погледи кон политичките збиднувања се базира на евроатлантските вредности,резултатите од првиот круг на локалните избори се неочекувани.Зошто?Извонредно добар резултат имаат ВМРО-ДПМНЕ и Левица,кои евроатлантските вредности ги сметаат како една конспирација за уништуванје на се што е македонско.Затоа,приодот кон анализа не води до една енигма која сама по себе тешко се распознава и создава дилеми за иднината на нашата земја.Се поставува прашањето, како е можно СДСМ како главен двигател на евроатлантските интеграции да дозволи да се протнат така лесно тие кои во континуитет пропагираат некаков заговор од САД и ЕУ против РСМ, објаснува Рамадани.

Според него  поголемата предност на ВМРО  во овие избори е добиена  од емотивната состојба на македонскиот народ

-Мислам дека користејќи ги некои слабости во редовите на СДСМ (таканаречени ортодоксни чувари на партијата од минатиот век) ВМРО успеа да ја ќари врз емотивната состојба на македонскиот народ.Се разбира,како партија со добро организирана структура тоа добро го менаџира и го преточува и на локално ниво се до обичниот граѓанин.Ставајќи ги промените на името,ветото на Бугарија,нершителноста на ЕУ кон Западен Балкан,пандемијата со човечките трагедии и ред други ниски удари,сето тоа оди во контото на гласови против  СДСМ.За жал, еве како што гледаме,еден значителен број на гласачи го потврдуваат овој краткорочен политички кредит, смета аналитичарот кој објаснува дека победата на Заев ќе биде тешка.

-Ќе биде тешко,но од друга страна Заев веќе е претпознатлив како вешт политичар кој неколку пати покажа дека може да го извлече најдоброто и кога е малку возможно.На тие општини каде има кандидати во втор круг,а ги има во доволен број,ќе направи реални шанси да победи.За втор круг,коалициониот капацитет на партиите на власт ќе профункционира многу по ефикасно од првиот круг,се гласа само градоначалници. На вториот изборен круг се почнува од нула.Треба одново да се создаде бран кој носи гласови,но не е сигурно колку и каде ќе завршат.Ако опозицијата добро се етаблира во локалната власт,ќе биде по конструктивна и би требало да се однесува со институционална одговорност се до наредните редовни парламентарни избори, објаснува тој.

Рамадани смета дека концептот што го застапува и спроведува Заев е прогресивна евроатлантска вредност и ако тие што не го прифаќаат овој концепт,продолжат да ја наметнуваат и понатаму рововската политика ,тогаш локалната самоуправа, според аналитичарот ќе биде  место каде нема да е решаваат дневни проблеми на граѓаните, туку таа ќе биде извор на конфликтни односи.

-И кога не фаќа инает и лично моментално незадоволство,со нашиот глас да ги засилиме тие кои доволно ги препознаваме дека можат да не туркат во опасни алтернативни опции…и преку локалната власт, смета Рамадани.

Во однос на резултатите на Левица во овој изборен процес, поранешниот пратеник вели дека партијата доживеала раст, но ако тој продолжи земјата ќе се најде во турбулентни меѓуетнички и меѓусоседските односи.

-За жал расте како партија.Ако порасне и понатаму,земјата ќе се најде во турбулентни меѓуетнички и меѓусоседските односи.Настапите на нивниот лидер ,и гласот за него значи дека ја сече гранката на која седиш.Но тоа е,демократијата трпи и апсурди,само нека останат во маргините, објаснува Рамадан.

Б.М.

Слични содржини