Депресијата и анксиозноста не се поврзани со ризикот од рак

од Stefanija Kuzmanovska

Депресијата и анксиозноста не ги прават луѓето поподложни на рак, покажа голема анализа.

Експертите се сомневаа дека овие ментални здравствени состојби може да го зголемат ризикот од рак со влијание врз однесувањето поврзано со здравјето или со биолошки ефекти врз телото кои го поддржуваат развојот на ракот, но досегашните студии имаа различни резултати.

За новата анализа, истражувачите собрале податоци од 18 индивидуални истражувачки тимови кои следеле повеќе од 300.000 возрасни лица во Холандија, Обединетото Кралство, Норвешка и Канада до 26 години. Тие не открија врски помеѓу депресијата или анксиозноста со севкупниот ризик од рак или ракот на дојката, простатата, дебелото црево или ректумот, според извештајот објавен во списанието Cancer.

Исто така, немаше влијание на депресија или анксиозност врз ризикот од развој на карциноми поврзани со алкохолот.

Депресијата или анксиозноста, сепак, беа поврзани со шест отсто поголем ризик од развој на рак на белите дробови и карциноми поврзани со пушењето, но овој ризик беше значително намален откако беа земени предвид другите фактори на ризик поврзани со ракот, вклучувајќи пушење и употреба на алкохол, пренесува „Ројтерс“.

„Нашите резултати можат да бидат олеснување за многу пациенти со рак кои веруваат дека нивната дијагноза била припишана на претходна анксиозност или депресија“, рече водачот на студијата Лонеке ван Тујл од Универзитетскиот медицински центар Гронинген во Холандија.

Слични содржини